Претседателот Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ објективно го лимитира нејзиниот потенцијал, се вели во реакцијата испратена од претседателскиот кабинет.
Од таму велат дека Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока.
Заев: Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за иницијативата „Отворен Балкан“
Во соопштението од кабинетот на Пендаровски велат дека ставот на претседателот во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев по првичниот состанок во Нови Сад кога е промовирана иницијативата.
На оваа тема, во Кабинетот на претседателот Пендаровски како точка на дневен ред се разговараше и на првата лидерска средба во присуство на опозициските партии во 2019 година. Едногласен заклучок во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба беше дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата „Отворен Балкан“ има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија.