Свеста за органодарителството во земјава е на сè повисоко ниво и бројките самите говорат.
Во изминатите 24 часа, доктори на Клиниката за урологија спасуваа живот на двајца пациенти бидејќи направени се две трансплантации на бубрег од починат донор, во изјава за Телма кажа Националната координаторка за трансплантација, доктор Маја Мојсова.
Им се заблагодари на семејството заради најхуманиот можен гест што го направиле во тешки моменти.
„Уште еднаш би сакала да им се заблагодарам на семејството што така без размислување едноставно сакаше да ги дарува органите на нивната мајка и сопруга, за да се спасат колку што може повеќе животи. За жал само двата бубрега беа искористени, пациентите се добри во постоперативниот тек. Тука се екипите од Урологија, конечно стигнаа после целодневна работа“ вели д-р. Маја Мојсова – Мијовска, Национален координатор за трансплантација.
За период од една до две години многу е подигната свеста за органодарителството во земјава, смета доктор Мојсова.
Се наврати на минатогодишното врвно достигнување на македонското здравство и првата трансплантација на срце во земјава.
Вели, семејствата веќе знаат што значи да се донира орган и каква тежина има одлуката што ја донесуваат.
„Сега се наоѓаме во ситуација кога разговараме со семејствата и тие знаат за што се работи. Тие знаат дека се работи за мозочна смрт којашто е докажана по клинички, легислативни и професионални принципи така што мислам дека направивме добар импакт кај граѓаните за да ја разберат темата. Досега тешко беше да се разбере“ вели д-р. Маја Мојсова-Мијовска, Национален координатор за трансплантација.
А, со трансплантација, пак, на матични клетки спасени се животи на пациенти кои само ако биле испратени во странство ќе можеле на тој начин да бидат третирани.
Овој нов метод на лекување во земјава се изведува неколку години, вели директорката на Клиниката за хематологија, доктор Ирина Пановска – Ставридис.
„Ние успеавме да ги воведеме сите услуги од спектарот на трансплантација на матични хематопоетски клетки да станат достапни за македонските осигуреници. Тоа е значаен исчекор напред бидејќи до пред четири години нашите осигуреници патуваа во странство за да им се понудат овие услуги – трансплантација од несроден и ХЛА идентичен донор и трансплантација од сроден дарител. Во изминатиот период ние спроведовме околу 40 трансплантации за коишто пациентите патуваа во странство. Тоа значи 40 спасени животи“ вели д-р. Ирина Пановска – Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.
Таа се осврна и на Ковид-пандемијата и последиците коишто истата ги остави врз целото здравство во земјава.
„Кога почна пандемијата и кога се затворивме, луѓето престанаа да ги забележуваат другите симптоми и другите заболувања. Во свеста нѝ се врежа дека постои само една болест којашто е значајна за да се обратиме за медицинска грижа и нега и тоа беше Ковид-19. Сето тоа доведе да нашите интерни статистики покажат дека во изминатиот период имаме околу 30% помалку новодијагностицирани пациенти со лимфоми, а глобално (а, тоа е и трендот во нашата земја) расте инциденцата на малигните заболувања“ вели доктор Ирина Пановска – Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.
Предвидувањата се дека токму поради ова во иднина следи пандемија на малигни болести, а предупредувачките апели од докторите се сè погласни – да не се игнорираат сите други симптоми коишто не се поврзани со Ковид.
Петар Догов