Во Собранието денеска ќе биде врачена државната награда „Мето Јовановски“ која претставува највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Добитници се вработените во поранешната УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои го открија незаконското прислушквање.
Лазаревски и Костовски од Управата за безбедност и контраразузнавање ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски. Двајцата беа уапсени во февруари 2015 година, како обвинети во случајот „Пуч“, веднаш откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев почна да ги пушта „бомбите“. Костовски се спогоди со Обвинителството и призна дека е виновен по што беше осуден на три години затвор. Лазаревски не призна вина и остана 11 месеци во притвор. Костовски беше пуштен од затвор во април 2016 година, по аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Поранешното СЈО отвори предмет „Таргет-Тврдина“ во кој беше посочено дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани. Предметот заврши со пресуда во која обвинетите, меѓу кои беа и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, беа прогласени за виновни.