Корупцијата стана проблем број еден за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа невработеноста, сиромаштијата и ниските приходи, или политичката нестабилност. Ова го покажа последното истражување за проценка на корупцијата спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Вкупно 80% од македонските граѓани сметаат дека желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата. Што се однесува до подложност на давање поткуп, проекцијата на процентите врз возрасното население покажува дека 750.000 од граѓаните не се подложни на корупција, но, 500.000 граѓани би платиле доколку нема друг начин. Граѓаните не се оптимисти за намалувањето на корупцијата. Речиси три четвртини сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок и во иднина.
Граѓаните ги препознаваат судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите како најкорумпирани.