Од 29 ноември до 5 декември се регистрирани 2275 нови позитивни случаи на ковид-19, со што бројот на заразени во оваа недела во однос на претходната се намали за 17,3 проценти. Најголем број од регистрираните, односно 1000 случаи се во Скопје, останатите се од 35 другите градови во државата. Меѓу позитивните има лица од сите возрасти, но најзастапени се оние над 60 години, а најмалку заболени има меѓу децата до 9 годишна возраст. Иако се намалува бројот на новозаболени, има благо зголемување на хоспитализрани низ болниците во државата
Се намалува и бројот на реинфекции, па минатата недела се регистрирани 40, односно 9,1 процент помалку во однос на претходната. Вкупно од почетокот на пандемијата до 5 декември има 953 лица кои по вторпат се заразија од ковид-19, како и едно лице кое трипати го прележа коронавирусот. Во периодот од 29 ноември до 5 декември има намалување и на смртните случаи предизвикани од КОВИД-19.
Иако Омикрон сојот на коронавирусот забрзано се шири во државите низ светот, а вчера беше потврден за првпат на Балканот, односно во Хрватска, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Се уште доминантен останува Делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме надлежните повикуваат на помасовна вакцинација која претставува единствен реален излез од пандемијата. Досега според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје опфатот со две дози вакцина кај вкупното население во Македонија е 39 проценти.
Емилија Мисирлиевски