Македонија Топ вести

Петков и Василев не му соопштија на Радев, каков ќе биде нивниот став за Македонија

Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска ја почнува серијата политички консултации со претставниците на седумте пратенички групи во 47. Народно собрание пред да го врачи првиот мандат за формирање на идната бугарска влада.

Тој денеска се сретна со четири од партиите во новиот бугарски Парламент, а за утре се закажани уште три средби. Радев побара од Петков и Василев да слушне каква е позицијата на „Промените продолжуваат“ за Македонија, но тие не му го соопштија јавно својот став на бугарскиот претседател.

Ефикасно владеење во земјата може да има само доколку се има взаемно почитување, а според Радев, времето на едноличната власта во Бугарија е завршено и надежта за нејзино обновување е категорично отфрлена.

Двете преодни влади што ги назначив според бугарскиот Устав ја стабилизираа земјата. Тие јасно ставија до знаење дека постои синергија меѓу луѓето со различни политички ставови. Вие многу добро го знаете ова и знаете дека ефикасна влада, во форма на коалиција, дали може да постои само ако има меѓусебно почитување меѓу партнерите. Времето на единствениот премиер заврши и надежта за нејзино враќање беше категорично отфрлена од бугарските граѓани за време на изборите, рече Радев.

Најверојатно првиот мандат за формирање на кабинет, претседателот ќе го врачи неделава. По средбата Кирил Петков не прецизираше секоја партија колку точно министерства ќе добие за да им се даде шанса на партнерите за внатрешна дискусија. Тој потврди дека ќе има две нови министерства, едното за иновации и развој, а другото за државни претпријатија. А очекуваат и четири вицепремиерски позиции.

Успеавме да направиме коалициски документ, кој го завршивме синоќа на полноќ и беше испратен до сите наши коалициски идни партнери, во кој се сумирани сите овие заеднички разговори, врз основа на сите теми за кои разговаравме за време на овие дискусии, плус форматот во кој очекуваме да се формира идната влада, рече Петков.

Во меѓувреме бугарските медиуми го објавија претпоставениот состав на новата влада. Победникот на парламентарните избори во земјата „Промените продолжуваат“ ќе има 10 министерски места во новата бугарска Влада, меѓу кои премиерот Кирил Петков и двајца вицепремиери, Асен Василев кој ќе биде министер за финансии, и Калина Константинова за административна реформа.

„Промените продолжуваат“ во овој пакет ќе ги има и министерствата за образование и за внатрешни работи, а се очекува актуелните привремени министри Николај Денков и Бојко Рашков да ги задржат своите досегашни позиции, додека министер за одбрана, според медиумските шпекулации, би бил преодниот премиер Стефан Јанев, кој од 12 мај на чело на двете преодни влади. На позицијата министер за раст и иновации треба да застане Даниел Лорер, а другото ќе отиде кај Социјалистичка партија и ќе биде предводено од лидерот во оставка на БСП, Корнелија Нинова, која ќе биде и вицепремиер. Оваа партија очекува да ги добие и министерствата за земјоделство, туризам и социјална политика.

Партијата на Слави Трифинов – „Има таков народ“ би ги добила Министерството за надворешни работи на чело со Димитар Гардев, кој неодамна за бугарските медиуми изјави дека Бугарија не поставува никакви предуслови за Македонија. „Им помогнавме да имаат независна држава и да станат членка на НАТО. Скопје мора да престане да ги дискриминира граѓаните со бугарски идентитет, бидејќи тоа е кршење на основните европски вредности“, рече Гардев.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе