Министерството за транспорт и врски и надлежниот инспекторат ги провериле само сертификатите на двајцата возачи од настраданиот автобус на Беса Транс во чија несреќа загина 45 луѓе од кои 12 деца.
На 6-мината шофери кои ги возеле останатите три автобуси на Беса транс на екскурзијата за Истанбул, не им се проверени сертификатите. Еден од возачите бил и сопственикот на Беса транс, додека двајца возачи во конвојот, како што беше објавено во емисијата КОД, се возачи на ЈСП кои биле на одмор и ја фатиле турата за Турција.
Загинатите возачи биле невработени односно не биле вработени во Беса транс, еден од нив имал важечки сертификат за автобуски сообраќај, додека вториот имал истечен сертификат. Но, каква е состојбата со останатите 6-мина возачи, досега не е проверено иако фирмата Беса транс беше под инспекција на надлежниот транспортен инспекторат.
За одговорноста за автобуската несреќа има институции што работат и истражуваат, на крај ќе дадат одговор каде бил пропустот и согласно тоа секој ќе си понесе одговорност, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
-Ги проверивме двајцата возачи кои го возеле автобусот, а кога ќе добиеме информација од надлежен орган или институција, од Обвинителството или од Министерството за внатрешни работи, кои се другите возачи кои поминувале веднаш ќе ги провериме во базата на податоците, одговори министерот за транспорт Благој Бочварски на прашањето на Телма.
-Веќе ги дадовме, дополни, сите документи во Обвинителството кои ги има нашата база на податоци, а се однесуваат за ова правно лице. Стоиме на располагање на истрагата и не би сакал Министерството да се претвори во истражен орган и да лицитираме со секакви информации. Важно е истрагата да тече согласно процедурите и тоа што ќе го каже Обвинителството, а ние да бидеме тука поддршка и да ги даваме сите потребни документи и информации. Сметам дека во целиот период доста брзо ја информиравме јавноста. Се она што го имавме како информација од нашите бази на податоци ја дадовме до јавноста, наведе Бочварски.
На прашање за одговорност на ресорот што го предводи поради несреќата во која загинаа 45 патници, а седум беа повредени, Бочварски рече дека во рамки на нивното делување издавањето на лиценците е целосно непречено до овој момент, лиценци се издавани за компани кои побарале да вршат таква дејност, како и изводи од лиценци за сите кои побарале да добијат таков документ за своите возила за да патуваат и да вршат одредена дејност.
По застојот со електронскиот систем за полагање за сертификати за возачи, од четвртокот по надминување на проблемот и нов тендер повтроно е почнато со полагање за возачки сертификати. Процесот беше во застој откако почна истрагата за екс генералниот секретар на владата Драги Рашковски по што и фирмата која го одбила тендерот за одржување на софтверот се повлече бидејќи и сопственикот беше дел од истрагата.