Со појавата на нови мутации на Корона се овозможува на вирусот да ги избегне антителата и постоечкиот имунитет кој веќе го имаат стекнато луѓето и затоа се препорачува третата доза, вели доктор Мери Киријас од Институтот за имунобиологија.
Но, вакцината не само што нуди заштита на човекот туку со тоа директно влијае на ослабнување на вирусот и одземање на неговата сила и затоа оптимистички се прогнозите дека полека се придвижуваме кон крајот на пандемијата.
„Ние би сакале тоа да биде што е можно поскоро. Сите мерки коишто се преземаат, а главно вакцинацијата, влијаат на тоа. Исто така голем дел од луѓето или прележале или се вакцинирани и со тоа силата што ја има вирусот опаѓа. Многу зависи и од тоа колку ќе успееме да одолееме на создавањето на нови варијанти на вирусот“ вели доктор Мери Киријас од Институтот за имунобиологија.
Македонија е далеку зад другите земји во Европа спoред процентот на вакцинирано население и таа бројка споредено со некои поединечни држави е дури и двојно помала, што останува загрижувачко за имунолозите.
Разликата оваа година во споредба со истиот период лани е тоа што сепак се препознава ефектот на вакцинацијата.
„Гледаме дека многу земји во светот постигнуваат над осумдесет проценти вакцинираност и гледаме дека смртните случаи им се на многу ниско ниво дури и ги нема. Инфекции има меѓутоа поминуваат како обична настинка што е многу важно, немаат сериозни случаи со тешки состојби на Ковид-19. Кај нас сè уште треба да мотивираме и да апелираме, за сите оние граѓани коишто не се вакцинираат, да одлучат да се вакцинираат“ вели доктор Мери Киријас.
Министерството за здравство вчера ја објави анализата за периодот од 6 август до 2 декември и статистиките во неа велат дека 69% од позитивните и 79% од починатите се невакцинирани пациенти.
Петар Догов