Со два воено-транспортни авиони утринава од Бугарија се очекува на Меѓународниот аеродром Скопје да пристигнат посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“-Скопје, што се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник.
По пристигнувањето, како што најавија од МНР, требаше да има поворка која ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град, за граѓаните да им оддадат последна почит на загинатите, но од МНР соопштија дека има измени на барање на семејствата.
Tелата од аеродромот ќе бидат пренесени во домовите на семејствата, односно нема да има поворка која требаше да помине пред плоштадот Скендербег. Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва. За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот.
Вчера заменик бугарскиот државен обвинител Борислав Сарафов изјави дека веќе биле идентификувани сите 45 жртви од автобусот кој се запали на автопатот „Струма“ и дека идентификацијата била направена со ДНК профили. Во несреќата, кога автобусот на скопската компанија „Беса транс“ на враќање од Турција се запали и изгоре на автопатот „Струма“ кај Софија во раните утрински часови на 23 ноември, загинаа 45 патници, а седуммина беа повредени. Последниот од седумтемина повредени патници завчера беше вратен во Скопје.