ДУИ денеска се огради од заканувачкиот статус на Дардишта, во кој нивната активистка и поранешна директорка на заеднички служби на Клинички центар напиша дека не треба да се игра со оган.
Сѐ уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики, Ние не сме сираци, ние сме никнале по војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него, порача Шкодране Дардишта, на својот ФБ профил.
Причина за ваквиот нејзин статус е незадоволството поради актуелните случувања и можноста ДУИ по долги години да замине во опозиција.
ДУИ во својата кауза има да се се приближи до слободата и таквите изјави не се во корист, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Лидерот на опозициската ВМРО- ДПМНЕ кусо го коментираше статусот на Дардишта.
Јас лошо реагирам на закани како човек, рече Мицкоски.
На ова утринава реагираше во нејзин стил како што вели и самиот директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов уверен дека ваквата популистичка, заканувачка и распалувачка реторика веќе не минува кај мнозинството македонски граѓани.
Г-ѓо Шкодране Дардишта, вие можеби сѐ уште ги имате вашите стари чизми на таванот во старата куќа но ние, во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаме нови гојзерици. Верувам дека некои од вас се’ уште ги кријат и своите стари пушки но ние, во нашата заедничка македонска Армија имаме современо оружје и воена техника. Можеби вие сте подготвени за час да ги извадите белите патики и да облечетe чизми но некои од нас чизмите не ги соблекоа никогаш. Патем, вашите некогашни пријатели денес се и наши пријатели а нашата заедничка држава денес е членка на НАТО.
Дардишта е член на Одбор на директори на Македонски Телеком, а до формирањето на сегашната влада била директор на заедничките служби на Клинички Центар. Телма се обиде да стапи во контакт со Дардишта, но таа не одговараше на нашите телефонски повици.
Нина Стефанова