СДСМ само ги плаши граѓаните со лепење етикети на ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозициската партијата нагласувајќи уште еднаш дека е формирано мнозинство за пад на владата на Зоран Заев.
„ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на европската агенда на државата. Насочени сме кон борба со корупцијата и криминалот, раст и развој на економијата и ефикасен правен систем. Тоа се начелата за кои се бориме и кои ќе ги применуваме. СДСМ ги плаши граѓаните со лепење на етикети на ВМРО-ДПМНЕ, но реалноста е дека СДСМ се плашат само да не ја загубат фотелјата. Борбата на СДСМ е за криминал и тендери“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение потенцираат дека новото мнозинство го сочинуваат пратениците од нивната партија, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица, а се посочува и на ставот, кој вчера го изнесе и лидерот Христијан Мицкоски, дека ќе се обидат да формираат влада, но доколку таа не гарантира дека може да се спроведат потребните реформи, тогаш треба да се оди на предвремени парламентарни избори.