Вишите инспектори од државниот инспекторат за локална самоуправа ја чешлаат документацијата и свечените изјави на советниците во Штип и Аеродром, кои заклетва дадоа со Република Македонија, а не со уставното име Република Северна Македонија. За три дена на локалните власти ќе им се достави решението, но според наодите дадените изјави се невалидни и се очекува советите да ги корегираат, во спротивно инспекторатот ќе донесе и одлука за „забрана на прописи“, што ќе значи блокада и на советот и на општината.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повтори истиот став од вчера ќе го чекаат решението од инспекторат, по што ќе се произнесат.
Во оппштина Штип денеска во исто време беа закажани и инспекторите и втората седница на Советот на општината, која почна со еден час задоцнување. Советниците од опозицијата останаа на ставот дека одлуките кои се донесени по дадените свечени изјави на мнозинството советници не се валидни, ништовни и се против Уставот. Тие ја напуштија седницата, бидејќи сметаат дека на тој начин ќе дадат легимитет на седницата.
Инспекторите вакви вонредни инспекции денеска имаа во Штип и Аеродром. Но, според нив овие две општини не се единствени каде дел од советниците изјавите ги потпишале со Република Македонија, но има и пример, какошто е во Сопиште сите советници ги потпишале со уставното име.
Викторија Димитрова Јованова