Три недели траела голготата на 16 годишната пациентка од село Сиричино, тетовско. Таа почина вчера на Клиниката за инфективни болести во Скопје бидејќи ѝ се влошиле виталните параметри и тоа било причина за срцево и белодробно попуштање. Пациентката не била вакцинирана, а во соопштението на Министерството за здравство не се наведени ниту коморбидитети. Од кога ѝ се појавиле првите симптоми, таа девет дена ги поминала во домашно лекување. Состојбата постепено се влошувала па морала да биде примена во болница. За конкретниот случај побаравме став од Државниот санитарен и здравствен инспекторат од каде што во одговор за Телма велат дека во наредните денови ќе иницираат вонреден инспекциски надзор, за да се провери начинот на лекување на пациентката.
Станува збор за исклучително тежок случај на кислородно зависна пациентка со тешка Ковид-пневмонија. Во текот на болничкиот престој, од анализите е потврдена и белодробна тромбоемболија. Во текот на лекувањето доаѓа до брзо влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации, соопштуваат од Министерството за здравство.
Ваков случај на смрт кај млад пациент имаше и минатата недела. Тогаш почина 17 годишно девојче од Демир Хисар, кое било со висока температура и намалена сатурација – исто така лекувано дома. Сепак, најмладата пациентка која ја изгуби битката со Корона беше 15 годишно девојче од тетовското село Селце, а докторите голем дел од причините за смртта поради компликации од вирусот кај нејзе, ги гледаат во нејзините други болести.
Петар Догов