Оставката на Зоран Заев е и на насловните страници на медиумите во регинот. Грчката новинска агенција АНА МПА ги објаснува и можните сценарија по оставката, но додава дека „она што е сигурно е дека од денеска Северна Македонија има Влада во оставка“.
Дел од српските медиуми пак го анализираат чинот на оставката како многу необична одлука за политичар од Балканот. Па така професорот во пензија, Чедомир Чупиќ за телевизија Н1, објаснува дека потегот на Заев е добар за демократијата, слободата и идниот политички живот во Македонија.
Имате свест и совест. Сте го загубиле вашето гласачко засолниште, тоа тој градски елемент, прво Скопје како главен град, како што е и Белград во Србија. Сте загубиле, што значи дека не сте го одработиле она што од вас го очекувале граѓаните. Тоа е најдобриот можен начин да се повлечете моментално од политиката, тоа не значи дека е засекогаш, но им покажувате граѓаните дека сте одговорни.
Заев со својот потег покажал и дека во политиката се е менливо, исто како и во животот, вели Чупиќ, и се надева дека оваа постапка ќе даде пример и ќе се прелее и во другите земји од Балканот.
Тој даде сега пример и тоа е добар пример кој припаѓа на високите критериуми на едно демократско постапување и однесување за политичар. Би сакал тој пример да добие на значење и да биде еден вид „пелцер“ (модел) за се што ќе се случува во овие земји, рече Чедомир Чупиќ, професор во пензија на Факултетот за политички науки.
Со тоа би почнала и демократизацијата, која според Чупиќ не треба да се очекува од обичните луѓе, туку од политичките елити.
И бугарските медиуми јавуваат за оставката на Заев, но нивните анализи се во насока на тоа дека одлуката ја донел по победата на Данела Арсовска во Скопје, која претходно СДСМ ја прогласило за Бугарка, па според тоа и зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили.
И албанските медиуми пренесуваат делови од обраќањето на Заев, со констатација дека негова најголем заслуга е влезот на земјата во НАТО, но оти ја напушта функцијата не успевајќи да ја постигне и неговата главна цел, почеток на преговори со ЕУ. Слични по текст информации пренесуваат и другите медуми, при што дел од нив ставаат акцент на изјавата на Заев, дека „нема потреба од предверемени парламентарни избори“.
Алиса Шутиноска