За поголемиот број општини и за градот Скопје, успешноста на изборите зависи од вториот круг. Утре и задутре ќе се гласа за градоначалник во 44 општини плус во главниот град. СДСМ има кандидати во 31 општина, ВМРО ДПМНЕ во 25, ДУИ во 14, Алијанса-Алтернатива во 7, БЕСА во 2, по еден кандидат имаат Гром, ЛДП/ДОМ, ТМРО и ДПА, а учествуваат и 5 независни кандидати.
Очекувано, централната „битка ќе се бие“ во центарот на државата меѓу Петре Шилегов и Данела Арсовска.
Двете ривалски партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, барајќи поддршка на локално ниво, побараа гласачите да се определат за проевропска политика или за предвремени парламентарни избори.
Освен во Скопје, овие две најголеми партии ќе имаат градоначалнички дуели во 22 општини. Партиите се особено концентрирани на општина Центар, каде Горан Герасимовски настојува да ја одржи коалицијата на СДСМ на власт, а предизвикувач е Наташа Котлар-Трајкова од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ.
Во Битола има слична ситуација: Христо Кондовски е нов кандидат со кој СДСМ настојува да ја задржи општинската власт, додека, ВМРО ДПМНЕ се обидува да ја преземе со Тони Коњановски.
Во Охрид, двајцата кандидати имаа над 42 одсто од гласовите во првиот круг. Пратеникот Кирил Пецаков е адутот на опозициската партија, додека владеачката повторно го кандидира Константин Георгиески.
Владеачката СДСМ на локално ниво има противници и меѓу коалициските партнери на централно ниво. Во Арачиново, на актуелната градоначалничка Миликије Халими противкандидат и е Ридван Ибраими од ДУИ. СДСМ и ДУИ се противници и во Долнени и Чашка, а во Шуто Оризари, се определија за Ферат Асан додека ЛДП и ДОМ го кандидираа актуелниот Курто Дудуш.
Двајца поранешни градоначалници од СДСМ сега им се противкандидати. Едниот, Максим Димитриевски, се уште ја води општина Куманово, но се кандидираше со поддршка на група избирачи додека партијата застана зад Оливер Илиевски.
Другиот е Стевчо Јакимовски. Формираше сопствена партија Гром и со години е во коалиција со ВМРО ДПМНЕ. Во општината во која традиционално победувале лево ориентираните политичари, СДСМ го кандидира Душко Весковски.
Големи очекувања има и во политичкиот блок на албанците. Тетово е од огромно значење за двете владеачки партии: ДУИ сака да го задржи со Теута Арифи, а БЕСА со лидерот Биљал Касами, овој пат да го одвои.
ДУИ и Алијанса-Алтернатива ќе се соочат во седум општини. За двете партии од особено значење е Гостивар каде во трка се двајца искусни градоначалници: поранешниот Невзат Бејта и сегашниот Арбен Таравари. Жестока кампања имаше и за Струга, Чаир, Боговиње, Врапчиште, Теарце и Дебар.
Само во две општини ќе има соочување на кандидати од различни етнички заедници: Кичево и Брвеница. Во Кичево, актуелниот Фатмир Дехари од ДУИ, за противник го има Александар Јовановски од ВМРО ДПМНЕ.
Во вториот круг, гласовите се бројат од нула. Победник е кандидатот со поголем број гласови.
Соња Николовска