Македонската одбојкарска репрезентација стартуваше со пораз на Европското првенство и тоа од домаќинот на групата Финска. Историјата се повтори од пред две години во Љубљана, кога исто така во првото коло на дебитантскиот континентален турнир загубивме од истата селекција.
Финска славеше со 3-1 во сетови и покажа дека моментално е поквалитетна репрезентација користејќи ги сите наши осцилации во играта. Иако почнавме добро во првиот сет и имавме водство од 6-10, на крајот загубивме со 25-20. Во вториот сет одигравме очајно, па Финците не декласираа со 10 разлика или 25-15. Во третиот сет, конечно проработе нашата игра и успеавме да намалиме со 24-26. Иако имаше силен отпор од избраниците на селекторот Душко Николиќ, сепак Финска го доби следниот сет со 25-22 за да запише стартна победа на турнирот пред домашната публика во Тампере.
Никола Ѓорѓиев очекувано беше најдобар во нашиот тим со 19 освоени поени, додека Александар Љафтов имаше еден помалку.
Во второто коло на овој турнир ќе играме со Холандија на 3 септември, на петти ќе ги одмериме силите со турција, а следниот ден и со Шпанија. Во последното коло на 8 септември не очекува и најголемиот предизвик против актуелниот олимписки вицешампион Русија.