Здружението за механичка поддршка на срце „Храбро срце“ засега само преку кампањи можат да ги информираат граѓаните за органодарителството, а за законските измени во актуелниот Закон за трансплатација потребна им е помош. Бараат начин како системот да е информиран и секој сам да одлучи дали органите ќе му бидат донирани по смртта. Секој граѓанин во земјава е потенцијален органодарител, но последниот збор го имаат семејствата.
Штипјанецот Боре Минов член на здружението вели дека секој човек е свесен за шокот и тагата на семејствата, кога губат член, а во тие моменти некој треба да ги праша и да донесат голема одлука.
Листите за трансплатација на органи се тајни, но според информации на здружението околу дваесеттина пациенти чекаат трансплатација на срце, а стотина на бубрег. Според Минов и членовите на здружението важно е Македонија да влезе во евротрансплант зоната. Потребно е да се исполнат одредени услови. На Балканот на оваа тема најнапредна и меѓу првите во Европа е Хрватска.
Во услови на пандемија, лани во земјава е направена првата трансплатација на срце.Досега се изведени пет трансплатации од починат донор, трансплатирани се четири срца и 12 бубрези, а направена е и првата трансплатација на коски и коскени ткива. Подолг период земјава има и национален координатор, а во тимот се македонски стручњаци кои сите трансплатации ги изведоа успешно и со поклон до земја за донорот.
Викторија Јованова