Спасувачите продолжуваат со потрагата по преживеани луѓе, кои останале заробени под остатоците од урнатиот дел на 12-катната станбена зграда во северниот дел од Мајами.
Најмалку едно лице засега се води како починато, но дури 99 засега се водат како исчезнати и не е позната нивната судбина.
Додека семејствата и најблиските на исчезнатите очајнички чекаат некакви информации за станарите од урнатиот дел од зградата, пожарникарите и спасувачите не прекинуваат со својата работа и потврдија дека слушнале звуци на тропање и врева под урнатините, за кои се претпоставува дека се од луѓето кои бараат помош. Минатата ноќ, стотици спасувачи користели сонари и специјално истренирани кучиња, кои ги пребарувале остатоците, трагајќи по преживеани.
Од 1.48 по полноќ, пожарникарите во Мајами не запреа. На прв поглед може да се чини дека ништо не се случува врз урнатините, но сите операции и ова не можам доволно да го нагласам, сите операции се одвиваат под урнатините. Тие се одвиваат под паркингто каде имаме постојано тимови пожарникари, кои без прекин прават процепи низ кои ставаат сонари, спасувачки камери, за да ги лоцираат жртвите. Како што правиме некоја дупка и пристапуваме до нов кат, продолжуваме до нови делови.
Пожарникарите тврдат дека нивната работа се одвива бавно и внимателно, затоа што секој процеп и дупка кои ги прават, го зголемуваат ризикот да бидат затрупани од урнатините. Дополнителен проблем кој ја отежнува нивната работа се постојаните врнежи дожд и грмотевиците од минатата ноќ.
Што го предизвикало урнувањето на дел од станбената зграда, изградена пред 40 години, засега останува нејасно.
Досега 102 жители на зградата се лоцирани, но не е сигурно колку од нив биле во своите станови, кога се случи катастрофата. Неколку десетици се извлечени и од под урнатините.
Единствените бројки кои ги имаме за пациентите кои биле извлечени од самата структура или од урнатините се 35 и 2, што значи вкупно 37 досега се извлечени од зградата.
Претседателот на САД, Џо Бајден одобри прогласување вонредна состојба за Флорида, што значи дека тимови од федералната агенција за справување со вонредни состојби, ФЕМА, ќе им помогнат на локалните спасувачи.
Никола Илиевски