Вести Македонија Топ вести

Иднината на Европа е со Западен Балкан, поракa од Самитот во Виена

Иднината на Европа без автентичното место на Западен Балкан, е бесмислено. Крајно време е Европската Унија да го исполни сопственото ветување за почеток на преговори откако Северна Македонија ги исполни сите услови. Европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот. Ова се дел од пораките кои премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров ги испорачаа вчера на Самитот за Западен Балкан во Виена.

Заев на Самитот во кој учествуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, изрази надеж оваа година да биде година за паметење, во која ќе биде направен силен исчекор напред со почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, јасен европски прогрес за Србија и Црна Гора, и чиста европска перспектива за Косово и БиХ.

Така, напомена, ќе се испрати силна порака до граѓаните на регионот дека Западен Балкан е нераскинлив дел од ЕУ.

Како што потенцираше, иднината на Европа е со Западен Балкан, а иднината на Западниот Балкан е со Европа.

Според премиерот, ние сега имаме солидна поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која како што напомена, е потврдена од повеќемина европски лидери.

-Затоа, сега е многу важно, и во пресрет на конференцијата, иднината на Европа, политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки, така и во земјите за проширување, да бидат многу погласни, истакна Заев.

Тој уште еднаш повтори и дека јасната перспектива на земјите од Западен Балкан за остварување на нивните цели за членство во ЕУ значат одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите на нивните општества.

Воедно, изрази и задоволство од препознавањето на важноста Западен Балкан да биде дел од иднината на Европа.

-Затоа, да ја направиме заеднички 2021-ва година за паметење, во која ќе биде направен силен исчекор напред бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме  – нема да запреме, порача Заев.

Според него, со новата Европска комисија, која ја продолжува искрената определба за проширување на претходната, и со лидерите на земјите членки на ЕУ кои ја прифатија новата методологија за проширување, оваа стратешка цел на ЕУ доби повторна виталност која не смее да се загрози со натамошни одлагања на сериозни и конкретни чекори кои се однесуваат на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.

Заев во своето обраќање ја напомена и поддршката од Бугарија, за што рече дека македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила.

-Вклучително и Бугарија потврди дека нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност се неспорни. Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитекските различности на нациите на европскиот континент, рече премиерот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе