Повеќе од 500 –тини полицајци спроведоа денеска голема операција во про-демократскиот весник Епл Дејли во Хонг Конг, под оправдание дека била загрозувана националната безбедност.
Полицијата исто така во нивните домови ги уапсила и главниот уредник и уште 4-ца други уредници во весникот. Замрзнат бил и имотот на трите компании поврзани со Епл Дејли, вреден над 2 милиони и 300 илјади долари.
Ова не е напад против новинарите и медиумите во Хонг Конг туку операција против загрозувањето на националната безбедност, тврди полицијата во Хонг Конг, додавајќи дека од 2019-тата година, овој весник објавил повеќе од 30 текстови во кои повикува на воведување санкции против Хонг Конг и официјален Пекинг.
“Осомничените беа уапсени врз основа на силните докази дека се дел од заговор за загрозување на националната безбедност. Ова е ваш избор, дали ќе ги сметате за дел од вас, кои својата новинарска работа ја вршевте законски и на коректен начин” – изјави секретарот за безбедност на Хонг Конг, Џон Ли.
Уапсените не се новинари, туку криминалци кои ја користат новинарската работа за своите криминални активности, тврдат властите во Хонг Конг.
Полицијата не ги именуваше уапсените, туку само соопшти дека 5 луѓе, на возраст од 47 до 63 години, биле уапсени заради заговор со странска држава или други надворешни елементи за загрозување на националната безбедност.
Откако минатата година беше усвоен законот за национална безбедност, досега беа уапсени повеќе од 100 луѓе, сите активисти за човекови права и подржувачи на про-демократските сили во Хонг Конг.
Весникот Епл Дејли е во сопственост на бизнисменот Џими Лаи, критичар на комунистичката влада во Пекинг, кој е во затвор, по повеќе обвиненија .
Никола Илиевски