Наместо пресуда, ослободителна или затвроски казни, поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков и шестмина полициски Алфи одново ќе седнат во главна расправа за предметот. Судијката Александра Ристовска одлучи да не им досуди туку да побара од обвинителот Љубомир Лапе да добие можност на две нови рочишта да објасни и докаже кој од обвинетите какви дејствија презел.
Обвинителот Љубомир Лапе, кој го застапува предметот „Тортура“, вели дека денеска очекувал осудителна пресуда и оти е затечен од одлуката на судот наместо пресуда, повторно да се отвори главната расправа.
Одбраната нема што да додаде. Очекувале ослободителна пресуда, но не ја критикуваат одлуката на судечкиот совет да го врати предметот.
Судијката Ристеска, кога ја соопшти одлуката за повторување на постапката поради дополнување и разјаснување на фактичките прашања, сѐ повика на ставот 1 од членот 397 од Законот за кривична постапка. Обвинителството ќе има две недели да подготви одговори на прашањата кои ги има судот за предметот, а не се исклучува и можноста за прецизирање на обвинението. Мијалков и останатите обвинети во „Тортура“ се товарат за делото мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
Павле Беловски