Редици идни средношколци со почитување на сите здравствени протоколи со нетрпение чекаа да ги достават своите документи во средните училишта. Запишувањето во прва година средно образование започна денес и ќе трае во наредните три дена. Во Скопје, најголем интерес има за запишување во гимназиите и средното медицинско училиште. За директорката Салиу веројатно и самата ситуација со пандемијата во изминатиов период, уште еднаш потсети за важноста и улогата на здравствените работници.
Имаме оваа година 646 слободни места и традиционално се пријавуваат двојно или можеби тројно повеќе апликанти неколку години наназад. Оваа година имаме дополнителни паралелки медицински сестри плус една паралелка на македонски наставен јазик и гинеколошко – акушерска сестра на албански јазик, вели Маја Салиу, директорка на средно медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов”
Според Конкурсот на Министерството за образование и наука во јавните средни училишта слободни се 30. 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта. Најголем број пријавувања се забележани во гимназиите „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Ѓорѓи Димитров“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“.
Најмногу одат на природно-математичкиот смер. Оваа година повторно запишуваме 285 ученици, поточно ќе се борат за 285 места во 9 паралелки. Тоа што нас не карактеризира се билингвалните паралелки значи оние три англиски паралелки и француската билингвална паралелка, изјави Митко Димовски, директор на СУГС Гимназија „Орце Николов“
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши согласно распоредите кои ги подготвија училиштата. Ранг-листите со резултатите и слободните места ќе бидат објавени на 17 јуни по 16 часот.
Нина Стефанова