Нема најдено дрога кај групата од скопско Грчец, не се уапсени ниту нарко босовите, туку дилерите, а ниту пак се пронајдени луксузните автомобили.
Обвинителството за гонење на организиран криминал открива дека од двете групи од Грчец и Гази Баба кои ги следеле веќе една година, само кај наркодилерите од Гази Баба е пронајдена позначителна количина дроога и пари. За групата од Грчец обвинителите уште пред една година знаеле дека акцијата ќе им биде пробиена, па кога отишле на локациите каде се чувала дрогата се било исчистено, а од луксузните возила пронашле само клучеви. Сепак обвинителката Вилма Русковска вели дека и за двете групи имаат цврсти докази дека се занимавале со трговија на кокаин. Од Грчец приведени се 13 – на, од кои на 9 им е определена мерка притвор, на 3 куќен притвор, а на 1 мерка на претпазливост. Во шемата учествувал и 1 малолетник. Од групата во Гази Баба, пак, уапсени се 8 – на и сите се во притвор. Шестмина се во бегство, пет од нив е од групата од Грчец, а еден од таа од Гази Баба. Се уште не се знае кој ја пробил истрагата и дали има вмешано полицајци, но од вештачењата на телефоните се очекува да се дознае.