Поликлиниката Јане Сандански е вакциналниот пункт за руските Спутник-V вакцини. Денеска е претпоследниот ден за вакцинација таму, бидејќи залихата од 3.000 вакцини е пред крај.
Според бројките заклучно со вчера, вакцини Спутник примиле 2.702, а остатокот вакцини ќе се потрошат денеска и утре. Во четврток, вакцинација со Спутник за медицински персонал не е планирана, ни посочија одговорните во поликлиниката Јане Сандански.
Прераспоредувањето на последните дози почнало синоќа, кога во фармацевтската комора се јавиле надлежните од Мој термин и ги известиле дека планираните фармацевти за вакцинирање се пренасочуваат за наредните пратки кога ќе стигнат.
Наместо фармацевтите, на ред за преостанатите помалку од триста дози Спутник се ставени медицинските лица кои работат во новите ковид центри. Требало да се вакцинираат над 300 фармацевти постари од 50 години, а на ред стигнале неколку десетици од нив.
Од фармацевтската комора ни соопштија дека веднаш по известување од Мој термин ќе се продолжи со имунизација на постарите фармацевти.
Слично известување синоќа добиле и стоматолозите. И тие го препуштиле редот на лекарите од првата анти-ковид медицинска линија.
Иако биле предвидени 800 вакцини за лекарите-забари, вкупно 1.211 стоматолози се вакцинирале со Спутник, стои во извештајот на стоматолошката комора. Од Министерството за здравство велат дека 80 проценти од стоматолозите –доктори се вакцинирани.
Стоматолошките сестри и персоналот во ординациите не биле ставени на првиот список за вакцинирање поради мал број на пристигнати вакцини. Интересот во оваа здравствена гранка е огромен, а продолжува и пријавувањето во комората.
Продолжете со пријавување зашто ние од Кризната група сме на став дека треба да се имунизира и последниот неимунизиран стоматолог заедно со последниот член на нашите тимови. Од Мој термин и другите релевантни институции за процесот на имунизација добивме уверување дека во најскоро време, на почетокот на април, со процесот на имунизација ќе продолжиме, таму каде што за кратко застануваме, велат од стоматолошката комора.
Но веќе има бројач на вакцинирани на веб сајтот vakcinacija.mk. Застанува на бројката 6.760 медицински лица.
Кога ќе се пресметаат бројките на досега пристигнатите вакцини излегува дека се пристигната 11.190 дози. Од 3.000 Спутник се потрошени повеќе од 90 одсто заклучно со вчерашниот ден, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје. Од вакцините Фајзер досега две дози примиле над 2500 медицински лица (2.572), а уште 1.500 лекари и сестри деновиве ќе ја примат втората доза.
Миомир Серафиновиќ