Пандемијата Ковид -19 во балканските земји повторно се разгорува, при што државите пријавуваат сериозен пораст на бројот заболени и хоспитализирани, при што главниот виновник е британскиот сој кој се шири полесно и побргу, заразувајќи голем број луѓе.
Во федерацијата БиХ и Република Српска во минатите 24 часа регистрирани се 1726 случаи на позитивни на корона вирусот, како и 35 жртви. Ова претставува драматичен пораст од претходната недела, кога беа регистрирани по неколку стотици ново заразени.
Клучните ковид болници во Сараево прогласија вонредната состојба, прекинување ги одморите на дел од своите вработени.
Капацитетот во универзитетската болница во Сараево се ближи до својот максимум и грижата за зголемениот број хоспитализирани пациенти е се потешка.
Пациентите во овој централен дел безмалку се наредени како сардини. Со сите сили се обидуваме да им ја дадеме сета можна нега и внимание. Некогаш тоа е невозможно. Даваме се од себе, да не останат без терапија, без кислородна поддршка. Да не се случи некому да му се влоши ситуацијата а ние тоа да не го видиме. Сите се трудиме, јас работам секој ден од 3 и пол и дежураме како сите колеги.
Како и нашата држава, имунизацијата на населението во двата ентитети во Босна и Херцеговина засега целосно се потпира на донациите. Федерацијата доби неколку илјади вакцини од Астра Зенека од Србија и се надева на помош преку Ковакс механизмот, додека Босанските Срби добија помош од руските вакцини, но и се имунизираат во Србија.
Пораст од 46% на бројот на случаите во однос на претходната недела има и во Хрватска, каде денеска се регистрирани 1445 нови случаи. Починати се 12 луѓе, меѓу кои и 12 годишно дете со повеќе тешки кардиолошки коморбидитети.
И во Хрватска над 50 % од тестираните примероци потврдиле присуство на британскиот сој на коронавирусот.
Разногласието во ЕУ околу употребата на вакцината на Астра Зенека, при што повеќе земји ја запреа имунизацијата на своето население заради наводниот ризик од згрутчување во крвта и покрај укажувањата на здравствените регулатори дека вакцината е безбедна, го дава очекуваниот ефект.
Во Хрватска, повеќе од 30% од луѓето кои имале термин за примање со доза од Астра Зенека, ја откажале својата имунизација, додека во Романија, за само еден ден 33 000 романци се откажале од својата вакцинација.
Во Обединетото Кралство, каде над 11 милиони британци ги примија досега вакцините на Астра Зенека и Оксфор, имунизацијата не запира. Од денеска се вакцинираат и луѓето на возраст од 50 до 54 години.
На ова место дадовме 12 000 вакцини и никој не ми се јави да каже дека имале потешка реакција. Се се одвива така како што пишува во информациите кои ги добивме.
Во Србија денеска е првиот ден од 5-дневното затворање на сите објекти, освен аптеките, продавниците за храна и гориво. Овие мерки владата во Белград ги најави како неопходни за обидот за запирање на пандемијата.
Никола Илиевски