Американскиот Сенат не успеа и по вториот обид да го отповика сега веќе поранешниот претседател Доналд Трамп. На крајот им фалеа само 10 гласови, за да го отповикаат. Крајниот резултат беше 57 за наспроти 43 против, откако дури седуммина републикански сенатори гласаа за отповикување на Трамп.
Две третини од присутните сенатори не гласаа „виновен“. Сенатот суди дека испитаникот Доналд Џон Трамп, поранешен претседател на САД, не е виновен по обвинението според членовите за отповикување, ги соопшти резултатите Патрик Лихи, сенатор од Вермонт.
Процесот во Сенатот беше полн со пресврти. Прво се најавуваше брзо завршување на процедурата, за потоа сенаторите да изгласаат повикување сведоци откако се појави снимка од телефонски разговор меѓу Трамп и членот на претставничкиот дом Кевин Мекарти од денот на упадот во Конгресот. Но, по кратката пауза, демократските сенатори се предомислија и се откажаа од сведоците. На крајот одбраната ликуваше во својата победа.
Го завршивме борењето во таа просторија и го треснавме противникот на душекот и го добивме случајот. Повеќе нема борење. Победивме, не е виновен, рече Мајкл Ван Дер Вин, адвокат на Трамп.
Трамп ја повтори својата најпозната фраза кога напиша дека заврши „најголемиот лов на вештерки во историјата“. Но капак на се беше пресвртот на Мич Меконел, лидерот на републиканците во Сенатот, кој беше клучен во попречувањето на процесот за отповикување се додека не беше завршено примопредавањето на власта, што подоцна комплетно го промени контекстот на импичментот. Затоа откако го спаси, Меконел жестоко го нападна Трамп.
Нема никаков сомнеж, никаков, дека претседателот Трамп е практично и морално одговорен за провоцирањето на настаните од тој ден, нема никаков сомнеж. Луѓето кои упаднаа во оваа зграда, веруваа дека ги исполнуваат желбите и инструкциите на нивниот претседател, рече Меконел.
Лицемерието на Меконел најмногу ја погоди спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која него и остантите сенатори ги нарече кукавици.
Овие кукавици сенатори кои не можеа да се соочат со тоа што го направи претседателот и што беше во прашење за нашата земја и сега ќе имаат шанса малку да го плеснат по рака. Казнуваме луѓе за користење погрешни документи, не казнуваме луѓе кои поттикнуваат насилство во кое загинаа луѓе на Капитол, рече Пелоси.
Доколку го прогласеа за виновен, сенаторите ќе можеа да гласаат да му забранат на Доналд Трамп повторно да се кандидира. Иако не успеаа во тоа и резултатот покажува дека неговата база во Републиканската партија и нејзините гласачи опстојува, сепак се надеваат дека му направија доволно штета кај неопределените гласачи поврзувајќи го со упадот во Конгресот, за да се осигураат дека никогаш повеќе нема да победи на избори, доколку повторно се кандидира.
Игор Трајков