Полициските хеликоптери на МВР се проценети дека вредат 28 милиони американски долари. Но не летаат од Нова Година затоа што немаат осигурување, а задоцнетиот тендер ќе заврши на 25-ти јануари. Истрагата за паднатиот хеликоптер во мај се уште трае, а потоа ќе следува исплата на нова рекордна полиса во државата која може да достигне и над 9 милиони евра.
5-те полициски хеликоптери од Нова Година немаат важечко осигурување. Поради тоа според информациите на Телма, воздухопловите на МВР се приземјени односно не се употребуваат. Последниот двегодишен договор за осигурување на хеликоптерите, на пилотите и на екипажот истече на 31-ви декември.
Оглас за тендер за осигурување овојпат за 12 месеци е објавен на 5-ти јануари и трае до 25-ти овој месец. Поради непокриеноста и за да се спречи ризик, воздухопловите од Нова година не летаат, потврдија за Телма извори од воздухопловството.
Претходниот двегодишен договор со Триглав осигурување, државата ја чинел над 43 милиони денари или околу 690 илјади евра, кои според договорот треба да се исплаќаат на месечни рати.
Во овој период е опфатена и несреќата, односно падот на полицискиот хеликоптер со 5-мина воздухопловци. Во мај хеликоптерот при тренажен лет падна на пистата на скопскиот аеродром, а еден припадник на МВР беше повреден. Истрагата за тој случај се уште не е завршена, а има три можни причини за падот- првата е лошото време и силниот ветар, технички проблеми или пилотска грешка.
Кога ќе заврши истрагата, тогаш ќе следува и исплата на осигурувањето. Според познавачите кои ги контактираше Телма, можно е со хеликоптерски пад повторно да се постави нов рекорд за исплата на осигурување во Македонија.
Досега рекордот во исплата на осигурување во државата исто е исплатено за хеликоптерот на МВР кој удри во релеј на радиодифузија кај Струмица во 2014-та. Загинаа 4-ца врвни пилоти, а беа исплатени над 407 милиони денари односно над 6,6 милиони евра и на загинатите, но и на МВР, стои во новиот задоцнет тендер на Министерството.
За несреќата на Петровец, отштетата и новиот рекорд на осигурителна исплата може да изнесува за половина повеќе и да се искачи и до 9 милиони евра, велат познавачите од воздухопловниот сектор. Иако големи се исплатите, поради несреќите се зголемува и цената на осигурителни премии кои МВР ги исплаќа на избраните компании на тендерите.
Со новиот тендер, МВР извршило проценка на 5-те хеликоптери кои заедно со вградената опрема вредат 28 милиони американски долари. За хеликоптерот кој падна не е предвидено осигурување за 2021-ва.
Миомир Серафиновиќ