Економија Топ вести

Најскапиот гасоводот Клечовце – Штип се уште неупотреблив

Ова е патот што води до најскапиот гасовод во земјава Клечовце – Штип. Изграден е за три пати поголема сума од реалната. На цевката што требаше да биде ставена во функција уште во 2016 година, потпис стави тогашниот премиер, Никола Груевски, и го означи стартот на градбата на најскапо платениот гасовод: Негов советник за енергетика во текот на изградбата и потоа беше актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Низ овие вентили тука никогаш не протече гас. Најскапиот гасовод во земјава Клечовце-Штип веќе петта година не е во функција. Чинеше вкупно 75,7 милиони долари. 60 милиони се отплата на рускиот клириншки долг кон земјава, 15 милиони се буџетска инвестиција.

Еден километар од овој гасовод чини 1,2 милиони долари, иако физибилити студијата што ја направи Министерството за транспорт покажа дака реалната цена е околу 379.000 евра. Но, и покрај тоа 60 километарската делница беше платена 75,7 милиони долари, иако според студијата овој гасовод со уште 36 километри плус требаше да чини 30 до 35 милиони евра.

Предмет за случајот отвори и СЈО под името „Подарок“. Осомничени беа тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески, за транспорт Миле Јанакиески, и директорот на Македонски енергетски ресурси, Крсте Миладинов. Се сомничеа дека склучиле спогодба со која се регулира рускиот долг од некогашниот СССР кон Македонија, со која му прибавиле на „Стројтрансгас“ од Москва противправна имотна корист од околу 33 милиони евра.

„Фактички, Република Македонија со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната) сума на чинење, а долгот на Русија спрема РМ, фактички останал „подарок“ за Русија, соопшти тогаш СЈО.

Случајот сега  е во обвинителството за организиран криминал.

Предметот е во истражна постапка и се преземаат неопходните дејствија . Во моментов нема детали што може да се споделат со јавноста а не би ја нарушиле постапката, велат од обвинителството за организиран криминал.

Актуелното раководство на Национални енергетски ресурси не коментира дали овој гасовод е преплатен, но посочуваат дека сите документи што ги побарале, биле доставени до СЈО. Проблемот зошто се уште не протекол гас низ овој најскап гасовод, го гледаат во Законот за енергетика – што предвидува да има само еден оператор за пренос во државата, а лиценцата до сега ја имаше операторот ГАМА.

Бидејќи ние уште не сме лиценцирани од Регулаторна комисија кај нас, бидејќи не беше спроведен Законот за енергетика, конкретно членот 109 вели дека дејностите треба да бидат раздвоени и еден оператор што поседува акции што се занимава со трговија на гас и со снабдување на гас не може да биде сопственик во операторот за пренос. Тоа е единствената причина што чекавме да се реши овој проблем за да можеме да ги ставиме двата краци од Клечовце до Штип, и од Штип до Неготино да бидат во функција, вели Реџепи.

Сепак, останува нејасно зошто гасоводот не е ставен во функција во периодот пред да биде донесен новиот Закон за енергетика. Но, Реџепи сега вели дека со решавањето на деценскиот спор меѓу Владата и Макпетрол, за многу брзо гасоводот ќе биде во употреба.

Јас очекувам дека спојувањето на ГАМА и НЕР ќе биде максимум до третиот месец од оваа година и после тоа како единствен оператор за пренос со единствената тарифа ние ќе ги ставиме во функција и двата гасоводи од Клечовце до Штип и од Штип до Неготино, вели Реџепи.

Инвестициите за овој веќе преплатен гасовод нема да запрат тука со оглед дека станува збор за цевка без останата мрежа со која што би се поврзале потрошувачите, што значи, ќе бидат потребни дополнителни инвестиции.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Пакистанците и Индијците слават по одлуката за примирје

Дејан Дејан

Пакистан и Индија се согласија на целосно примирје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе