Ниту една политичка партија не се откажува ниту има намера да ги донира распределените 3,5 милиони евра за финасирање. Тие дури останале и со помалку финасии. Тврдат дека со новото законско решение предвидено е намалување на финансиските средства во однос на 2019 година за 30%.
И СДСМ смета дека нема основа да се откажат од парите затоа што наместо 5,2 милиони евра со уредба поради пандемијата со Ковид 19 износот е намален за 1,1 милион евра.
Партиите се правдаат дека со законот за финансирање на политичките партии тие повеќе нема да бидат зависни од донации и дека ќе имаат поголема контрола на трошењето пари. Познавачите на состојбите предупредуваат дека недостатокот на транспарентност во политичкото финансирање го загрозува легитимитетот и кредибилитетот како на државите, така и на демократски актери и процеси. Парите во политиката често ја претставуваат темната страна на изборите и затоа неопходно е да се обезбеди транспарентност во финансирањето.
И додека кога се во прашање парите, партиите немаат проблем експресно да одлучат, голем број закони остануваат заглавени во Парламентот поради немањето консензус. Деловникот останува блокиран, пратениците кои се заболени од Ковид не може да гласаат онлајн.
По информацијата дека и претседателот на Комисијата за финасирање и буџет Тимчо Муцунски е позитивен на вирусот, комисијата се одложи а членовите и собраниските служби кои се дел од неа беа тестирани од Институтот за јавно здравје .Резултатите покажаа дека сите тестови се негативни по што комисијата попладнето продолжи со работа.
Јулијана Пешевска