Негувателки, воспитувачки и СОНК денеска пред зградата на Министерството за труд и социјална политика изразија револт од зголемувањето на работното време на вработените во градинките од 6, односно 7, на осум часа. Велат дека, со тоа е еднострано прекршен Колективниот договор за детска заштикта и законот за детска заштита.
Поради немањето на услови и компјутери, вели Неделков, негувателките бесцелно седат на работа, а работата после мора да ја реализираат од дома. Реагираат и за непочитувањето на протоколите за безбедни услови за работа, со што им се загрозува здравјето на вработените во детската заштита. Бараат од директорите да се врати старото работно време, да се обезбедат подобри услови, а Трудовата инспекција да ги испита условите за работа. Ќе се бара и одговорност од инспекторите кои препорачале зголемување на работното време. Воспитувачките тврдат дека и сега работат по осум часа, иако не директно со деца.
СОНК немаат писмен доказ дека ова е наредба од министерката Шахпаска, но имаат сознанија дека прашањето е отворено на состанок со директорите на градинките, на кој таа ги поттикнала да го зголемат работното време. Шахпаска негира.
Од СОНК најавија дека за ова ќе ги информираат и европските синдикалци, а на крај, ако треба, велат, ќе преземат и подрастични мерки за исполнување на правата на овие работници.
Далиборка Демјанска Цветановска