За една недела, пратениците треба да гласаат дали од први до 21-ви април 2021-ва година, ќе спроведеме Попис на населението, домаќинствата и становите.
Предлог законот конечно е ставен на дневен ред наредниот понеделник, без било какви измени на текстот по мај 2019-та, дури ни во делот што предвидува попис во 2020-та или во имињата на предлагачите од Министерството за правда. За владеачкото мнозинство најважно е процесот да не се политизира и в година да ја спроведеме оваа статистичка операција.
ВМРО ДПМНЕ достави список на забелешки од 23 точки.
Како минатата година кога имаше неуспешни разговори со СДСМ во работни групи, така и сега не отстапува од барањето да се формира Пописна комисија, која би вршела супервизија на целиот процес.
Опозициската партија инсистира во Законот да се дефинира што е резидентно население, кои документи се прифатливи и кој може да ги презентира податоците во име на отсутен граѓанин, бара прецизирање на институциите чии бази на податоци ќе бидат користени, како и паралелен попис во електронска и хартиена форма.
Од Заводот за статистика, кој е носител на планираниот попис, велат дека сите овие детали ќе бидат содржани во Методологијата, што ќе се објави веднаш по изгласувањето на законот.
Но барањето Пописна комисија за власта значи политизирање на процесот. Главниот аргумент е што во 2011-та, обидот за попис пропадна поради политичкиот пристап на Пописната комисија, составена од партиски претставници, а не од експерти.
Овој настан се уште нема судска завршница.
Соња Николовска