Не запира драматичниот раст на бројот на заболени и починати од КОВИД-19 во Пелагонискиот регион. Со загрижувачки бројки на новозаразени се двете најголеми општини, Прилеп, каде вчера имаше 84 позитивни на вирусот и Битола со 83 нови случаи. Вкупниот број на починати прилепчани се искачи на 145, а 10 ја изгубиле битката со болеста само во последните два дена. Смртност е 4,5 проценти, и е меѓу највисоките во државата. Во Битола има вкупно 95 починати.
Според официјалните статистики ноември беше најтежок месец од почетокот на кризата и за двете општини, но трендот не запира и во првите денови на декември.
Вкупниот број на заболени во Прилеп е 3231, а во Битола 2256. И во двата града повеќе од половина од заболените и починати се само во минатиот месец.
Голем е притисокот и врз болничките капацитети, а се поголем е број на заразени медицински лица во здравствените установи во двете Пелагониски општини. Во Битола на Инфективното одделение се хоспитализирани и лекари. Битолскиот Центар за јавно здравје неколку дена работи со еден епидемиолог помалку, кој исто така се заразил со КОВИД-19 .
Од вчера во изолација е и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која објави дека е позитивна на вирусот.
Емилија Мисирлиевски