Ковид19 Македонија Топ вести

Новиот Ковид-центар во Скопје мора да почека да се најде надлежен за поставување резервоар со кислород

Зградата на поранешна Гинекологија „Мала Богородица“ чека „амин“ за да прими Ковид-болни во адаптираното ново инфективно одделение во Скопје. Подготвени се, но правните дилеми веќе со денови „висат“ околу прашањето – ќе биде ли дозволено да се постави резервоар со кислород среде градско подрачје и до хотел.

А, ова прашање разврзува и нови нејаснотии – кој е надлежен за да има помрднување на работите во целиот процес. Токму институцијата којашто треба да го стави последниот печат пред да се постави оградена станица со кислород веднаш до пренаменетиот хотел, Министерството за животна средина, се уште не знае ништо за целата работа. Ниту се известени ниту пак е стигнато некакво барање до нив, велат оттаму за Телма.

Засега се чека специјалното оделение при МВР по извршениот увид на терен да даде дозвола па ангажираната фирма да изготви елаборат кој потоа ќе дојде на адреса на Животна средина. А, Иако повеќепати прозвани дека тие треба да дадат дозвола за поставување резервоар, како ненадлежни веќе се прогласија од Министерството за транспорт и врски.

Од Транспорт и врски велат дека споменатиот резервоар со кислород спаѓа во категоријата „опрема“, а тие се надлежни да даваат дозвола само за објекти од А-категорија. Различни информации стигнуваат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство не е надлежно за поставување на резервоар со кислород, тоа е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, МВР и Општината. Министерството учествува неформално на состаноците со оглед на потребата да се забрзаат постапките и нема никаква формална улога во постапка на поставување на станица со кислород, велат до министерството за здравство.

А, од Општина Карпош се уште чекаат да видат што ќе покаже увидот на МВР – дали таму смее да се постави станица за кислород.

Засега немало никакви официјални поплаки до нив од засегнати граѓани во тој дел од градот.

За одобрение за поставување на кислородна станица, може да стане збор откако ќе бидат исполнети и задоволени сите законски услови. Општина Карпош инсистира на одговорно однесување, земајќи го предвид локалниот контекст и заштитата на јавното здравје, велат од Општина Карпош.

Во меѓувреме, додека се чека на новото инфективно одделение во главниот град, во другите скопски инфективни оддели се лекуваат вкупно 461 пациент, со позитивен Корона-тест или пак сомнителни.

Во сите други болници низ земјата, зафатени се 857 болнички кревети за Ковид. Здравствените власти во соопштението за болничките капацитети пишуваат дека има 130 празни болнички кревети во Ковид-центрите во земјата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Пожар кај Психијатриската болница во Бардовци – евакуирани пациенти и персонал

Дејан Дејан

Хеликоптер на МВР интервенира кај Блаце, пожарот сè уште активен – сообраќајот се одвива отежнато

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе