Пристигнува помошта, најави министерот за здравство на Велика Британија, чија земја е првата во светот што ја одобрува вакцината против корона вирусот на компанијата Фајзер и Бионтек. Стандардите се исполнети, според Агенцијата за лекови и здравствени производи, и првите дози ќе можат да се примат веќе следната недела.
Уште од почетокот на наредната недела ќе ја почнеме програмата за вакцинирање на луѓето против КОВИД 19 тука во нашата земја. Како што знаеме од претходно, вакцината е ефикасна. Агенцијата за лекови одобри клиничка безбедност и ја имаме вакцината, што е одлична вест, изјави министерот за здравство Мет Хенкок.
Први ќе бидат имунизирани најранливите – постарите луѓе во домовите, здравствените работници, како и возрасните Британци кои страдаат од хронични болести. Велика Британија веќе нарача 40 милиони дози, што е доволно да вакцинира 20 милиони луѓе. Но, она што е предизвик е како да се одржи потребната температура од минус 70 степени што и треба на вакцината на Фајзер и Бионтек за да остане стабилна. Но, британското здравство, според министерот веќе е подготвено.
Ќе има комбинација три начини за достава. Прво, самите болници секако дека имаат услови за складирање. А 50 болници низ земјата веќе се подготвија и ја чекаа вакцината да се одобри, и тоа сега може да се оствари. Ќе има и центри за вакцинација, кои ќе бидат големи центри каде луѓето ќе може да се вакцинираат, тие сега се поставуваат. Ќе има и места во општините, како и во аптеките, вели Хенкок.
Велика Британија а се уште се соочува со зголемен број на новозаболени, како и висока стапка на смртност од КОВИД. Поради тоа експертите предупредуваат дека и покрај вакцинацијата, луѓето се уште мора да останат послушни и да ги следат правилата за спречување на вирусот. И другите европски држави забрзано ги местат центрите каде луѓето ќе се вакцинираат. Германија веќе ги постави параваните, каде според планот, доктори ќе ги следат евентуалните несакани ефекти 20 минути по вакцинацијата.
Ова е најбрза вакцина која од концепт премина во реалност и беа потребни само 10 месеци да се следат развојните чекори кои обично траат околу 10 години.
Европската агенција за лекови мислењето за оваа вакцина ќе го даде на состанокот на 29 декември, а потоа мислењето ќе биде проследено на усвојување до државите членки. Фајзер и Бионтек соопштија дека нема никакви непредвидливи проблеми или компликации од вакцината, а ЕУ веќе купи 2 милијарди дози за 27-те земји членки.
Алиса Шутиноска