Секојдневно се регистираат нови случаи со Ковид-19 во Тетово, а со тоа се зголемува и потребата од хоспитализација на лицата со потешка клиничка слика. Капацитетите во Клиничката болница се полнат, но засега не е во план пренаменување на ново одделение, покрај досегашните, бидејќи тоа би повлекло дополнителни технички проблеми. Болницата и така се соочува со притисок врз медицинскиот персонал, со оглед на тоа дека дел од вработените се позитивни или се во изолација. Очекуваат да им се олесни притисокот кој моментално го имаат со вклучувањето на приватните клиники во лекувањето на пациентите.
Во тетовската болница моментално се лекуваат 47 пациентите со Ковид-19, со потешка клиничка слика, а лицата со полесни симптоми се примаат во болницата во Лешок.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје во Тетово и околните општини заклучно вчера има 946 активно болни, а бројката на регистрирани случаи на Ковид 19 од почетокот на пандемијата до сега достигна 3579, додека починати се вкупно 148 лица.
Далијела Билбилоска