Топ вести Топ тема

Димитров во Топ Тема: Утре нема да биде усвоена преговарачката рамка со ЕУ заради негативниот став од Бугарија

Утре нема да се носат одлуки на советот на министри на ЕУ, нема да биде усвоена преговарачката рамка а според нашите информации , германското  претседателство нема ни да ја стави точката  на дневен ред, бидејќи во моментов имаме негативен став од нашиот сосед,изјави вечерва во Топ Тема. вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров мислејќи на Бугарија.

Последниве денови имаше разговори и во живо со бугарските претставници, на маргините на Берлинскиот процес во Софија. Минатиот четврток имаше неколкучасовни разговори, кои што почнаа можеби во една нормална ситуација а не завршија како што се надевавме и очекувавме, додаде Димитров.

Во однос на наводниот предлог кој го дал министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, кој минатиот период е познат по најпровокативните изјави во нашата јавност, Димитров рече дека нашите власти долго време се обидуваат да му дадат шанса на овој процес.

“Mногу сме внимателни, тоа што го велиме јавно е дека сакаме членство во ЕУ. Но не можеме да дебатираме за тоа кои сме и кој јазик го зборуваме. Тоа е наше суверено право, ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ние сакаме достоинствено и европско решение и почитување на правото на самоопределување“ – изјави Димитров.

Тој вели дека околу двете клучни прашања во преговарачката рамка, македонскиот јазик и употребата на краткото и целосното име, Северна Македонија и Република Северна Македонија, нашата страна наишла на разбирање кај германското претседателство, но останува бугарската блокада.

Димитров вели дека две прашања се клучни во овој процес , кој влегува и каде.

“Кој” упатува на идентитетот и јазикот а прашањето каде е зошто сакаме да влегуваме во ЕУ, односно заради можноста за просперитет и ЕУ како заедница на вредностите.

Димитров подвлече дека пораките кои доаѓаат од бугарските власти за “таканаречен” јазик и македонска нација се апсолутно навредливи за македонскиот народ и не се воопшто инвестиција за добрососедство.

Тој потврди и дека во текот на еден од виртуелните разговори со Каракачанов и Захариева , откако тие ги повториле квалификациите за таканаречен јазик и нација, кажал дека тоа е навредливо и неприфатливо, по што станал и излегол од разговорот со бугарските претставници.

Ќе разговараме се додека има простор, но нема да разговараме за работи за кои не се разговара, повтори Димитров и додаде дека доколку македонскиот јазик е пречка за почеток на преговорите за членство со ЕУ, тој е ок со тоа сега и да нема преговори.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожар кај Психијатриската болница во Бардовци – евакуирани пациенти и персонал

Дејан Дејан

КОД: „Пулс“ во Кочани – дивоградба претворена во кабаре без дозвола и заштита

Дејан Дејан

Кој ќе го наследи Мустафа во Судски?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе