Свет Топ вести

Бајден во победничкиот говор вети дека ќе биде претседател на сите американци  

Победникот на претседателските избори во Соединетите американски држави, Џо Бајден, изјави дека е време за залекување на раните од острите политички поделби во својот прв говор како иден претседател на државата, ветувајќи дека ќе се бори за обединување наместо поделби во САД.

Тој директно им се обрати на граѓаните кои гласаа за досегашниот шеф на државата, Доналд Трамп, со порака дека ќе биде претседател на сите американци.

“За сите вие кои гласавте за Претседателот Трамп. Го разбирам вашето разочарување вечерва. Јас самиот имам губено неколку пати, но ајде сега да си дадеме шанси едни на други. Време е да ја тргнеме на страна острата реторика, да ја спуштиме температурата, да се погледнеме меѓусебно повторно. Да се слушнеме едни со други. И за да оствариме напредок, мора да престанеме да ги третираме нашите противници како непријатели. Тие не се наши непријатели. Тие се Американци. Тие се Американци” – изјави Бајден.

Обраќајќи им се на своите еуфорични подржувачи во својот роден град, Вилмингтон, во сојузната држава Делавер, Бајден подвлече дека не признава републикански или демократски држави, туку само соединети американски држави.

Бајден, кој на изборите досега освои повеќе од 74 милиони гласови, најмногу за еден претседателски кандидат во американската политичка историја, ја истакна разновидноста на подршката која ја доби на изборите, особено истакнувајќи го значењето на гласовите на афроамериканците, без кои немаше да ја освои Бела Куќа.

“Верувам во ова, особено во оние моменти кога оваа кампања беше на својата најниска точка. Афро-американската заедница повторно застана зад мене. Вие отсекогаш ме подржувавте и јас ќе ви помогнам исто така” – вели Бајден.

Бајден, потврди и дека уште во понеделник ќе го соопшти својот тим од научници кои ќе бидат задолжени за справување со пандемијата Ковид-19 а ги потенцираше и приоритетите на својата администрација.

“Сега кампањата заврши. Што е вољата на народот? Каков е нашиот мандат? Јас верувам во следното. Америка не повика да ги обединиме силите на пристојноста, на коректноста, да ги обединиме силите на науката и силите на надежта во големите битки на нашето време. Битката за контрола на вирусот, битката за изградба на просперитетот, битката за обезбедување на здравствената заштита на вашите семејства. Битката за остварување расна правда и искоренување на систематскиот расизам во оваа земја” – истакна Бајден.

На улиците на голем број американски градови, од Филаделфија и Атланта во државите Пенсилванија и Џорџија, кои го обезбедија триумфот на Бајден, но и во Њу Јорк, Лос Анџелес, Сиетл и десетици други големи урбани центри, излегоа голем број граѓани, прославувајќи ја победата на кандидатот на демократите, но со уште поголема страст, поразот на Доналд Трамп.

“Имам многу силни чувства за ова. Бајден ќе го промени светот, земјата и знаете што? Овој човек, кој скандира уште 4 години за Трамп, веќе е поразен” – оцени една гласачка на Бајден.

Додека Бајден се подготвуваше за победничкиот говор, Трамп играше голф.

По објавувањето на резултатите, тој не се обрати пред граѓаните, туку преку твитер ги повтори неоснованите обвинувања за фалсификат.

Од неговиот изборен штаб најавуваа жалби и правна битка се до Врховниот суд и нема никакви најави за признавање на поразот на изборите.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Цената на струјата и парното ќе ја утврдуваат експерти од енергетски компании – измени во Законот за енергетика

Дејан Дејан

Судијка од Велес ќе дели правда во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе