Центарот за јавно здравје во Скопје ќе добие нов директор до крајот на неделава. Епидемиологот Александар Стојанов кој изминатите неколку месеци беше на раководната функција во една од главните институции во борбата со Корона вирусот, сепак и покрај смената, ќе остане член на Комисијата за заразни болести.
Ова е само една од јавните здравствени установи коишто ќе добијат нов прв човек, среде кризен Ковид-период.
Доктор Суад Зејнел од Клиниката за Пулмологија е нов директор на Институтот за Белодробни заболувања и ТБЦ, доктор Башким Османи раководи со Клиниката за Ревматологија.
„Се очекува до крајот на неделата да бидат именувани нови директори и во Центарот за Јавно здравје, ЈЗУ Клиниката за Кардиологја, ЈЗУ Клиниката за токсикологија, ЈЗУ Клиниката за детски болести како Изнтитутот за белодробни заболувања кај деца – Козле“ соопштуваат од Министерството за здравство.
Смената на директорските позиции на бројни клиники и болници доаѓа неполни четири месеци по парламентарните избори.
Но, новите раководни имиња воопшто не се дел од никакви партиски калкулации и поделба на ветени директорски места – тврдат од Министерството за здравство, за Телма.
„Назначувањето на нови директори на Клиниките е исклучиво врз основ на стручни и менаџерски способности како и досега“ пишува во одговорот на здравствените власти.
И додека се подготвуваат нови носители на раководни функции во најважните институции во време на пандемија, место во болниците има. Смирувачки тонови стигнуваат од Министерството за здравство од каде што велат дека во ниедно место, ниеден град – никој нема да биде вратен ако се обрати во болница.
„Епидемиолошката слика се менува од ден на ден. Во склоп на Клинички центар, покрај редовни пациенти, ковид пациенти ќе се примаат на сите интерни клиники. Она што е важно дека капацитети има доволно и дека ниту еден пациент кој има потреба од хоспитализација не е вратен ниту ќе биде вратен од било која болница во земјава“ велат од Министерството за здравство.
Само вчера беа регистрирани 1192 нови случаи, продолжувајќи го трендот на секојдневно висок процент на позитивни од направени тестови.
На Инфективната клиника до вчера биле примени 12 пациенти со што вкупниот број на хоспитализирани таму е 160. Во ГОБ „Осми септември“ хоспитализирани се 70.
Висока бројка на заразени и примени во болница има во Битола 70 и во Штип 52, заклучно со синоќешниот дневен Ковид-извештај.
Петар Догов