Џентлменски боксерски натпревар на двајца боксери кои не се штедеа, но сепак ги почитуваа правилата на организаторите. Вака е оценета втората, но и последна дебата на Доналд Трамп и демократскиот противкандидат Џо Бајден, пред претседателските избори на 3 ноември.
Коронавирусот, расизмот и климатските промени и овојпат ги разгневија Трамп и Бајден, кои се обидоа да се контролираат, но не го смени фактот за нивните различни визии. Првиот судир во 90-минутната дебата во Нешвил беше за тоа како се псравува Трамп со пандемијата и фактот дека во земјата има 220 илјади починати од корона вирусот.
Секој кој е одговорен за толку многу умирања не смее да остане претседател на САД, рече претседателскиот кандидат на Демократската партија, Џо Бајден.
Трамп остана на оптимистичкиот став дека болеста си заминува иако само претходниот ден во Америка вирусот зеде над илјада жртви. Учиме да живееме со вирусот, и ја отвораме економијата, рече републиканскиот кандидат.
Имаме проблем кој е глобален, ова е светски проблем. Ќе помине, и како што ви велам го заобиколуваме. Си заминува, порача Трамп.
Трамп како и пред 4 години се наслика себеси дека не е политичар. Одлучил да се кандидира затоа што поранешниот потпретседател Бајден со претходната администрација на Обама не направиле ништо. За Бајден, Трамп е некомпетентен лидер на земја која се соочува со бројни кризи, алудирајќи на расистичките протести, кои самиот ги предизвикал, со тоа што секогаш долевал масло на огнот. Се постави и прашањето за наводните мешања во изборите од странски држави, по што двајацата кандидати го кренаа гардот и почнаа да се обвинуваат за корупција.
Се извинувам. Ако овие работи се вистина за Русија, Украина, Кина и други земји, ако е точно, тогаш тој е корумпиран политичар. Не ми зборувај како си ти невино бебе, Џо. Те нарекуваат корумпиран политичар.
Бајден не остана должен обвинувајќи го Трамп за сметките што ги имал во Кина. За надворешната политика најмногу беа издвоени зборовите, пријатели, насилници и валкани држави.
- Што направи? Ја легитимизираше Северна Кореја. Зборува за неговото добро другарче, кој е насилник. Насилник, вели Бајден.
- Знаете, не сме во војна со Северна Кореја, имаме добро пријателство. Да сте во добри односи со лидерите на другите држави е добра работа, смета Трамп.
- Тоа е како да велите дека сте биле во добри односи со Хитлер пред да ја нападне Европа, те молам, врати Бајден.
Трамп и Бајден не се поздравија на крај – што и покрај воздржаноста од навреди беше очиглед факт за меѓусебната нетрпеливост. Медиумските анкети, велат дека со над 50 % победник е Џо Бајден. Но, според социјалните медиуми, победничка беше модераторката на дебатата Кристен Велкер која беше прецизна и прашањата ги читаше од листови, ги контролираше и не им даде можност да си задаваат силни удари.
Алиса Шутиноска