Мерките за носење маска на отворено, непримање повеќе од четворица гости во домашни услови и забраната за собирање по 22 часот се уште не се на дневен ред во Собранието. Иако се сметаат за итни, пратениците не можат да се договорат, а власта оваа недела нема кворум за самостојно одлучување.
ВМРО ДПМНЕ побара седница уште денеска, но предложените мерки ги смета за технички и несоодветни, бидејќи не содржат зајакнување на институциите што вршат тестирање за ковид, нема поевтини тестови за хронично болните и пензионерите, ниту пак поширок опфат во загрозените општини. Опозицијата сега предлага друг закон, со кој ќе се формира специјална Државна комисија за заштита и справување со пандемијата, што би била избрана во Собрание.
Министерот Венко Филипче уште на вчерашната средба им го одбил овој предлог како обид за блокада на предложениот закон и на новите анти-ковид мерки.
Уште една во низата постапки со кои ВМРО ДПМНЕ ја потврдува својата деструктивна политика и ја омаловажува експертизата на Комисијата за заразни болести и нејзиниот труд во справувањето со кризата. Барањето нова комисија е само начин да се прикаже наводна конструктивност и грижа и е целосно неиздржано.
И владеачката СДСМ го оцени предлогот како деструкција и одолговлекување на мерките.
Наредната собраниска седница е закажана за 27-ми октомври. Законот за заштита од заразни болести треба да се додаде на дневниот ред, а мерките на Комисијата за заразни болести ќе бидат предложени од пратениците во вид на амандмани.
Соња Николовска