Предлогот на вицепремиерот, Љупчо Николовски, Лидија Димова да биде разрешена од позицијата директор на Националната агенција за европски програми е прифатлив и за премиерот. Тој денеска изјави дека има доволно аргументи, таа да биде разрешена од етички причини, поради скандалот со злоупотреба на европските пари.
Исходот следи откако во јавноста се фрлија сомнежи за тоа како се делеле пари за образовни проекти преку агенцијата. Меѓу нив се и проектите на над 270.000 евра на фризерница и 200 илјади евра за проект за обука на магариња и за сирење на братот на пратеник од СДСМ. Следеше и обвинување од благајничката дека се проневерени над 20.000 евра од благајната од Националната агенција. Димова негираше и најави тужби, но не и оставка.
Владата не може да ја разреши, само дава препорака до Управниот одбор во Агенцијата. Но, бидејќи претседател на Управниот одбор е Маринела Тушева, сопруга на министерот за правда, Бојан Маричиќ, од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека тоа воопшто ќе се случи. Тие денеска изразија сомнеж и за проект од 54 илјади евра, доделени од Агенцијата на училиштето „Коле Нехтенин „ од Штип за едукација за туризам на Кипар,во кој прашуваат дали е вмешана и Тушева?
По сомнежите, се огласија и од Брисел од каде најавија дека Европската комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови. И домашните органи, Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција посочија дека има предистражна постапка.
Далиборка Демјанска Цветановска