Цвеќиња пред училиштето за брутално убиениот наставник по историја, чија цел беше да ги поттикне младите средношколци да размислуваат слободно, да се почитуваат без оглед на религијата. Учителот кој, покрај историја, предвал и географија, на еден од часовите ги повикал оние кои се муслимани да дигнат рака, им порачал да излезат бидејќи има намера за време на дискусијата да ги покажува карикатурите од пророкот Мухамед, што ги обајвуваше списанието Шарли Ебдо. Ова не им се допаднало на учениците, и во текот на неколку дена наставникот добивал заканувачки пораки. Истите кулминираа доцна синоќа, кога 18-годишен Чеченец му пришол со нож, кој го забил во неговиот врат, а потоа и го обезглавил. Сведоци велат дека на арапски извикал Господ е Голем.
Полицијата брзо го стасала осомничениот, но тој одбил да се предаде, и со ножот трчал кон нив, по што е убиен.
За Макрон, убиството е исламистички терористички напад врз просветител кој се обидува децата да ги научи на слобода на говор.
Еден од нашите сограѓани е убиен поради неговото предавање, бидејќи ги учи неговите ученици за слобода на говорот, за слободата да веруваат или не. Нашиот сограѓанин е кукавички нападнат и е жртва на исламистички терористички напад.
За Макрон нападнати се вредностите на Републиката. Порача дека терористите нема да победат, а битката против нив ќе продолжи, со единство.
Ќе останеме заедно, нема да не раздвојат, нема да победат, нема да не поделат. По тоа се дојдени, а ние мора да сме сплотени како граѓани.
Тешко ќе биде да се вратиме опуштено на настава, по есенскиот распуст, велат од просветниот синдикат. Шокирани се од инцидентот, и побараа поддршка од државата за децата да можат непречено да се образуваат.
Ќе ни треба време да се собереме, да размислиме за она што се случи, и да го правиме она што го правиме најдобро – едукација на децата за да можат самите да изградат начин на размислување за светот во кој живеат, вели Кетрин Нев Бекти, од Државниот образовен синдикат.
Отворена е истрага за нападот, а уапсени се девет осомничени, меѓу нив бабата и дедото, родителите и помалиот брат на убиецот. Нападот се случи неколку неели откако Макрон го претстави предлог-законот против создавањето на „домашен сепаратизам“ воглавно од исламистички радикали кои им го наметнуваат ставот на ранливи категории како деца во училишта или преку други активности. Токму во училиштата, според Макрон се пренесуваат вредностите на кои почива државата, а слободата на мисла е една од нив.
Франција додели азил на голем број Чеченци, и со текот на годините тие создадоа голема заедница низ целата држава, и нивната вмешаност во неколку терористички напади не е мала. Пет милиони муслимани живеат во Франција, што е држава со најголема муслиманска популација во Западна Европа, а исламот е втора најзастапена религија во земјата.
Алиса Шутиноска