Ковид19 Свет Топ вести

Европа ги заострува рестрикциите заради есенскиот бран корона вирус

Плажите, морето и летните одмори се веќе далечно сеќавање за милиони европски граѓани, чии земји се повеќе ги заоструваат рестриктивните мерки заради есенскиот бран од пандемијата корона вирус.

Строгите рестрикции се апсолутно неопходни за спасување на животите, предупреди Светската здравствена организација.

Од Сабота секое дружење во затворен простор ќе биде забрането во Лондон, додека полициски час ќе биде повторно воведен во 9 градови во Франција.

“Полицискиот час ќе се спроведува од 9 навечер до 6 наутро. Тоа значи дека во 9 навечер сите ќе мора да бидат во своите домови, доколку немаат дозвола. Сите места како продавниците и други места каде се собираат луѓето ќе мора да бидат затворени” – изјави францускиот премиер, Жан Касте.

Полска, која се соочува со над 8 000 нови случаи дневно, со соочува со голем број случаи во урбаните средини, каде владата ги затвори и училиштата, баровите и фитнес центрите.

Листата на поголемите населени места кои ќе станат дел од таканаречената црвена листа со остри рестрикции, дополнително ќе се проширува а забрзано се градат и нови монтажни болници за заразените со Ковид 19.

“Ситуацијата е многу сериозна. Вчерашните бројки се застрашувачки. Вчера имавме 500-тини нови случаи во градот. Тоа е многу. Речиси сите болнички кревети за пациенти болни со Ковид се речиси целосно исполнети. Ни требаат нови кревети. Имаме план за нови болници и работиме на тоа” – изјави портпаролот на градоначалникот на Краков, Мариуш Новак.

Во јужниот италијански регион, Кампања, вклучувајќи го и Неапол, две недели ќе бидат затворени училиштата. Пандемијата е во подем и во првото големо европско жариште на корона вирусот – северна Италија.

Ломбардија повторно е на прво место по бројот на случаи во државата а корона вирусот пребргу се враќа за оние кои го носеа најголемиот товар во март и април – медицинските работници.

“Повторно истото, истите кревети со пациентите со маски за дишење, кои се чувствуваат лошо и на кои им треба итна помош. Јас не сум единствената, сите ние сестрите кои имавме такво искуство, сега имаме вистински психолошки последици од тоа” – подвлече медицинската сестра Кристина Сетембезе.

Добра вест за Италија е се уште релативно нискиот број на смртни случаи, 80-тина дневно, драстично помал од околу 1000 дневно во пикот на пандемијата во март.

Светската здравствена организација потврди дека бројот на смртните случаи од Ковид 19 во моментов е околу 5 пати помал од пикот на пандемијата, пред се затоа што најголем процент од новите случаи се младите луѓе, но доколку не се делува бргу, ситуацијата може драстично да се влоши.

Во Брисел, денеска се самоизолираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако член на нејзиниот кабинет добил позитивен тест. Иако таа имала негативен тест, сепак ќе се самоизолира како мерка на претпазливост.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пакистан ја обвини Индија за ракетни напади врз воени бази

Дејан Дејан

Ким Џонг-ун: Учеството на Северна Кореја во војната во Украина е оправдано

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе