На изложба во Њујорк, во урнатини и остатоци од пожар дома. Централата на по ново Поштата на Република Северна Македонија одзади е со скршени стакла и нереновирана по големиот пожар од јануари 2013-та кој заврши со изгорена документација и со сомнително осигурување. Со лице поштата гледа во стотина метри одалечената владина зграда. Оттаму вчера стаса нова информација –одлука за измени во закон за поштенски услуги, со идеја за продажба на Пошти. До Нова година треба да се подготви физибилити студија дали да се продава или да се формира јавно-приватно партнерство. Тимот за Пошти го води вицепремиерот Битиќи, а членови се министерот за економија Бектеши и актуелниот директор Ејуп Рустеми. Причината за измените се подобар квалитет на поштенските услуги за граѓаните и фирмите, како и притисокот односно европските заложби за ефикасен оператор. Во транспарентна постапка би ја продал уште утре вели вицепремиерот Битиќи, кој како причина за продажбата ја наведе и загубата која постојано ја носи Пошти иако нема прецизни бројки за вкупната загуба.
Во првата половина од годината Пошта имале загуба околу 850 илјади евра. Покрај тоа, миленичето на ДУИ, партија чии членови околу 16 години раководат со Пошти, остана позната по големи разбојнички кражби на транспорти на пари, внатрешни измами и сомнителни набавки. Сепак и министрите на ДУИ вчера гласале за продажбата на Пошта. За сите сомнителни работи во деценија и пол кога писмата почнаа да доцнат, а поштенските пари да се земаат со калашњикови, Битиќи вели дека одговорноста треба да ја бараат истражните органи, а не владата.
Идејата е промовирана само два месеци по затворањето на шалтерскиот партнер на Пошти- Еуростандард банка. Околу 20 проценти од приходите на Пошта доаѓаат од платниот промет кој сега е замрен по смртта на Еуростандард. Пошта има мрежа на експозитури голема колку сите банки заедно. Но Битиќи вели продажбата нема врска со Еуростандард. Ги повика вработените на Пошти да работат за поуспешно претпријатие иако е отворен лов на нов сопственик или партнер. Премиерот пак најави дека можни се и други државни фирми како Железници-транспорт, ТЕЦ Неготино, Еурокомпозит, велешка Колска да тргнат по истиот пат како Поштата.
Миомир Серафиновиќ