Есенскиот бран на новозаразени може да донесе и наплив на пациенти во најголемата болница – „Осми септември“. А, таму инфектолози речиси и да нема. Врз тројца падна најголемиот дел од товарот, кои заедно со специјалистите по интерна медицина од март па наваму секој ден се борат со вирусот. Последната информација од Градската болница е дека доктор Патриција Каламарас која беше раководител на Ковид-центарот го напуштила јавното здравство. Директорот Костов вели дека таа се уште е вработена во „Осми септември“ а дали ќе остане кај нив зависи од самата докторка. Новост е тоа што од Министерството за здравство веќе има согласност за вработување на кадар во Градската болница.
Во моментов во Градската општа болница хоспитализирани се 42 пациенти со Ковид и сите се со тешка клиничка слика, дишејќи со кислородна поддршка. Тројца се приклучени на респиратор. Капацитетот на болницата е 55 кревети меѓутоа секојдневно се испишуваат пациенти и се одржува рамнотежата, информира Костов. На Инфективната клиника во Скопје бројката постојано се движи до стандардната бројка на хоспитализирани и покрај зголемувањето на бројот на новозаразени. Подготвена е и монтажната болница.
Додека во целата земја расте бројот на заразени – болниците во Прилеп, Струмица, Куманово и Велес се полни со пациенти со Ковид. Новите пациенти се препраќаат во болниците во Кочани и Кавадарци.
Петар Догов