Свет Топ вести

Трамп по враќањето во Белата Куќа: Не се плашете од коронавирусот

Американскиот претседател, Доналд Трамп, со помпа и театралност се врати во Белата Куќа, каде ќе го продолжи третманот за Ковид 19 , откако помина 3 ноќи во болница.

Трамп со маска на лицетото со хеликоптерот Марин 1 ја напушти болницата Волтер Рид и слета директно на тревникот во Белата Куќа.  Откако се искачи на терасата на Белата Куќа, Трамп, кој се уште е опасен за сите околу себе, како заразен со коронавирусот, потоа ја отстрани маската, позираше за фоторепортерите и снимателите и му отпоздрави на екипажот на хеликоптерот.

Неколку часа подоцна, на твитер објави видео снимка во стил на холиувудските блокбастери од враќањето во Белата Куќа, со драматична музичка подлога и зачудувачка порака до своите сограѓани : Не се плашете од коронавирусот.

Не дозволувајте да ве доминира. Не се плашете од вирусот. Ќе го победите. Ние ја имаме најдбората медицинска опрема. Ги имаме најдобрите лекови, сите развиени неодамна. Ќе го победите. Јас бев таму, не се чуствував толку добро. Пред 2 дена, можев да си одам пред 2 дена. Пред 2 дена се чуствував одлично, подобро отколку во долго време. Како што кажав, подобро од пред 20 години. Не дозволувајте да ве доминира. Не дозволувајте да ги преземе вашите животи. Не дозволувајте тоа да се случи. Ние сме најголемата држава во светот, рече Трамп.

Во видео пораката, Трамп речиси месијански порачува и дека тој страдал од вирусот затоа што како вистински лидер морал да излезе пред граѓаните и се изложил на вирусот. Можеби сега имам имунитет, тврди Трамп и ветува многу скоро вакцини против Ковид 19, иако американските експерти тврдат дека тоа нема да се случи пред средината на наредната година.

Еуфоријата на Трамп, дел од јавноста ја припишува како нуспојава на силната доза кортикостероиди кои му се даваат на американскиот претседател, но и се подвлекува дека третманот со кој се лекува Трамп не е широко достапен за обичните американски граѓани, оние на кои тој им порача да не се плашат.

 

Можеби тој го надминал вирусот, времето ќе покаже, но тоа доаѓа откако 72 часа му беше давана најдобрата медицинска нега достапна за кого било во светот, во најмодерна болница каде добиваше експериментални лекови. Најголем дел од пациентите со Ковид-19 немаат пристап до ништо од сето тоа – Џонатан Лемир, известувач од Белата Куќа за ап.

 

Докторот на Трамп, Шон Конли, на прес конференцијата пред Трамп да ја напушти болницата, не сакаше да коментира уште колку долго американскиот претседател ќе биде извор на зараза, ниту кога ќе може да патува повторно. Според американските здравствени протоколи, лицата кои имаат симптоми на Ковид 19, треба да се изолираат најмалку 10 дена.

Конли потенцираше и дека Трамп и во Белата Куќа ќе биде будно следен од медицинските лица, кои се внимателни заради можното враќање на симптомите на болеста. Кластерот коронавирусот во Белата Куќа во карантин ја стави и портпаролката на Трамп, Кејли Мекенени, покрај неговата сопруга Меланија, повеќе советници, републикански сенатори и други луѓе од кругот околу американскиот претседател.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Пожар кај Психијатриската болница во Бардовци – евакуирани пациенти и персонал

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе