Над 282 милиони денари или околу 4,6 милиона евра се исплатени во СЈО како надоместок за почитување на тајност, а според ДЗР за исплата на овие пари ревизијата не обезбедила соодветен законски критериум. Сумата е за повеќе од двојно поголема од збирот на основните плати на сите обвинители, стручни соработници и истражители во СЈО.
Ревизорскиот извештај е објавен и во него ДЗР ги сумира сите исплати на вработените во СЈО, но тој извештај и преглед не е објавен поради доверливост. Одлуката за договори за тајност која е доживотна обврска на сите кои имале пристап и ги преслушувале таканаречените бомби е доверлив документ и досега поради распуштањето на СЈО не е декласифициран. Поради тоа и ревизорските пресметки не се објавуваат јавно иако постои законска можност да се тргне тајната од овие документи.
ДЗР за платите нема никаква забелешка, но забележале дека законските додатоци за доверливост, ризик и посебни услови за работа наместо 35 проценти од плата биле унифицирани за сите обвинители и тие месечно за ризикот добивале по 70 илјади денари месечно плус на основната плата. Најголемата забелешка на ДЗР е за тајните надоместоци за тајност односно 4,6 милиони евра исплатени на оние кои имале пристап до материјалите со кои работело СЈО. Тие се поделени во сива зона, тврди ревизорскиот завод.
Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметките, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти, велат од дзр.
Овој наод е откриен откако ревизија барало Обвинителството за гонење на организиран криминал предводено од Вилма Русковска. Кога бил напишан нацрт извештајот, во ДЗР во јуни беше однесена Катица Јанева од домашен притвор која се уште фигурира како одговорно лице. Тогаш се случи нејзин испад кога екс специјалната обвинителка се расоблекла пред ревизорите. И во својот писмен допис, Јанева тврди дека ревизијата не ги зела во предвид законот за СЈО кој е специјален закон, ниту пак знае дали ревизорите ги нашле сите релевантни документи поврзани со ризиците на истрагите против високи функционери. 4 години немаше проблем со исплатата, а се појави дури сега по гаснење на СЈО, тврди Јанева во дописот во кој спомнува и дека е незаконски осудена за случајот „Рекет“.
Дали пораката која на ваков начин се испраќа: повеќе никој и никогаш во оваа држава да не се занимава со гонење на висока корупција, на начин како што го правев јас и СЈО, бидејќи на крајот, се ќе биде предмет на преиспитување, како што се случува сега, пост-фестум?, прашува Јанева.