Министрите за надворешни работи на Европската унија се согласија да воведат санкции за 20 високи белоруски функционери, кои се осомничени за вмешаност во изборни измами и брутални остри мерки против демонстрантите, по одржувањето на спорните претседателски избори на 9 август. Министрите не исклучија дека белорускиот претседател Александар Лукашенко ќе биде меѓу оние што се наведени на списокот на санкции, доколу земјата не престане со кршењето на човековите права.
Во меѓувреме, ОБСЕ понуди да посредува меѓу владата на Лукашенко и опозициските лидиери кои обвинуваат дека претседателските избори биле наместени во корист на Лукашенко. И мисиите на САД, ЕУ, Швајцарија и Британија издадоа заедничко соопштение во кое се вели дека стојат во солидарност со народот во Белорусија и нивната решеност да бараат демократски промени.
Лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, која е во егзил во Литванија побара меѓународна помош за решавање на политичката криза во земјата, и кажа дека народот „не може сам да го реши проблемот“.
Претходно, белорускиот претседател Лукашенко се закани дека ако се воведат санкции за неговата земја, ќе ги прекине рутите за транзит во белоруската територија кои ги користат европските држави.
„Ако Полска и Литванија некогаш летаат преку Белорусија за да стигнат до Кина и Русија, сега ќе летаат преку Балтикот или Црното Море да тргуваат со Русија, и така натаму, рече Лукашенко.
Додаде дека наредил половина од војската да биде подготвена за борба и се договорил со рускиот претседател Путин трупите на двете држави да се обединат против потенцијалните закани од Западот.
Во Белорусија три недели се протестира, откако на резултатите на изборите покажаа убедлива победа на Лукашенко. За време на викендот се планирани уште поголеми протести.