Црвенило, јадеж и оток се најчестите реакции по убодот на комарци кои ги вознемирија граѓаните, бурни локални реакции се можни и тие се со поинтензивен оток, велат лекарите.
Побурните локални реакции кои се вообичаени кај децата и кај возрасните со имунолошки заболувања. Многу е важно да се истакне дека покрај локалните реакции можни се и системски реакции со појава на лесно покачена температура, појава на уртики и отечени лимфни јазли околу местото на убодот. Секако можни се и одложени алергиски реакции со одложен интензитет од убоди на комарците – асс. д-р Зорица Зафировиќ, Универзитетска клиника за дерматологија.
Вообичаено убодите се третираат во домашни услови со измивање на местото на убодот и ставање ладни облози.
Најважно е по каснувањето местото на убодот да не се чеша да не се предизвика секундарна бактериска инфекција, а јадежот да се неутрализира. Кај побурните реакции советуваме локални антихистаминици и кортикостероиди. Но ако се појават посериозни системски симптоми препораката е секако преглед на пациентот во соодветна здравствена институција – асс. д-р Зорица Зафировиќ, Универзитетска клиника за дерматологија.
Дерматолозите препорачуваат да се носи заштитна светла облека која би го покрила телото, капи и затворени чевли. Секако и средства кои ги спречуваат убодите на комарците и избегнување движење на отворено кога се најактивни комарците во приквечерината до утринските часови.
Град Скопје закажа вонредно прскање против комарци за утре. Велат дека зголемената влага дополнително придонесува за наездата на комарци и покрај тоа што досега е повеќе пати прскано и тоа со високо квалитетно средство.
Нина Стефанова