Вести Македонија Најважни

Нови детали за изнудата од бизнисмен- агент во АНБ глумел финансиски разузнавач,  амнестираниот за „крвавиот четврток“ мафтал со лажни документи

Акцијата за апсење на двајца изнудувачи, меѓу кои еден е вработен во Агенцијата за национална безбедност се одвивала пред два дена. Уапсените барале 75 илјади евра за да спречат непостоечка истрага против сопственик на градежна компанија од Битола.

Уште од лани, Михаил Младеновски му пришол на бизнисменот тврдејќи дека како добро информиран знае за истрага против фирмата. Младеновски тврдел дека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има покренато истражна постапка против битолчанецот.

Младеновски претходно имал релации со обвинителството за организиран криминал, но како обвинет од оваа основно обвинителство. Тој беше дел од групата на обвинети за крвавиот четврток, односно за упадот во Собранието на 27-ми април. Подоцна заедно со политичарите, организаторите на протестот и собраниските службеници беше амнестиран со законот за амнестија.

Како потврда за истрагата се појавил извесен Вилијам Секл кој иако бил вработен во агенцијата за национална безбедност глумел финансики разузнавач пред уценуваниот градежник. Исто така тврдел дека е истражител во обвинителството.

На уценуваниот му барале 75 илјади евра за да помогнат во спречување на истрагата која „постоела“ само на хартија. Документ за лажната истрага направил првоосмничениот.

Градежникот го пријавил случајот во полиција, па е отворена истрагата во скопско обвинителство. Уценуваниот бизнисмен барал трпение од изнудувачите и предложил да „плаќа“ на рати. Првата рата од одбележани 5.000 евра била предадена во угостителски објект во Карпош кога Младеновски е уапсен.

АНБ испраќа демант преку МИА, не кажува за уапсениот вработен, но потврдува дека судот истражувал и кај нив

Обвинителството го издаде следното соопштение:

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица од кои едното е осомничено дека сторило кривично дело – Измама од член 247 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека за другото постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Лажно претставување согласно член 391 став 1 од Кривичниот законик.

Првиот осомничен, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, лажно прикажал факти согласно кои наводно поседувал информации дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, од еден од наводно осомничените во таа постапка и негов пријател побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. Наредбата со невистинита содржина која му ја прикажал на оштетениот за да го увери во вистинитоста на своите тврдења осомничениот ја креирал на неговиот компјутер, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Во тоа му помогнал и вториот осомничен, кој на средба со оштетениот лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање и воедно истражител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. На 3 ноември, првиот осомничен се сретнал со оштетениот во ресторан во Скопје и зел од него парични средства во висина од 5.000 евра за услугата што ветувал дека ќе ја изврши.

Бидејќи во конкретниот случај постои реална опасност од бегство на двајцата осомничени, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за определување мерка притвор.​

Во полициското соопштение е објавено и идентитетот на приведените:

На 04.11.2021 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) во координација со Одделот за криминалистичка полиција (ОКП) до ОЈО Скопје, поднесоа кривична пријава против М.М.(32) и В.С.(31). Против М.М. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Измама“, предвидено и казниво по член 247 став 3 вв став 1 од Кривичниот законик, а против В.С. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно претставување“ предвидено и казниво по член 391 од Кривичниот законик.

Имено, првопријавениот М.М. во текот на 2020 и 2021 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, пред оштетените лица лажно презентирал факти дека наводно поседувал информации според кои ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, за да го увери во вистинитоста на своите тврдења, на еден од наводно осомничените во таа постапка му прикажал Наредба со невистинита содржина, која ја изработил на својот приватен компјутер, за наводно отварање на предистражна постапка од страна на ОЈО за ГОКК, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Тој од него побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. М.М. служејќи се со лаги и манипулации го навел оштетениот да му даде 5.000 ЕУР кои ги зел на 03.11.2021 на нивна средба во угостителски објект во Скопје со што го сторил кривичното дело „Измама“, предвидено и казниво по член 247 став 3 вв став 1 од Кривичниот законик.

Второпријавениот В.С., со намера првопријавениот да прибави противправна имотна корист, на средба која се одржала помеѓу пријавените и оштетениот, лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање, а воедно и истражител во ОЈО за ГОКК, со што му овозможил на првопријавениот да го доведе во заблуда оштетениот дека М.М. има конекции, преку кои можел да издејствува да биде затворена наводната предистражна постапка, со што го сторил кривичното дело „Лажно претставување“, предвидено и казниво по член 391 од Кривичниот законик.

Судот определи 8-дневен притвор на Младеновски, додека вработениот во АНБ остана без пасош.

-Судија на претходна постапка, одлучувајќи по предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на М.М. му определи мерка притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка, додека на В.С. му определи мерки за претпазливост и тоа одземање на патната исправа и обврска лицето повремено да се јавува пред надлежен суд, соопшти скопскиот кривичен суд.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Целосно прекинат сообраќајот во двата правци на патниот правец Стенковец – Блаце а затворен и граничниот премин Блаце

Дејан Дејан

Рускиот министер за сообраќај претпладнево доби отказ, попладнево пронајден мртов

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе